Соединетите Американски Држави го разгледуваат барањето на Украина за испорака на ракети „Томахавк“, изјави американскиот потпретседател Џ.Д. Венс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Вашингтон да ги продаде тие ракети на европските земји, кои потоа би ги проследиле до Украина.
Венс изјави за „Фокс њуз“ дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја донесе „конечната одлука“ дали да дозволи таков договор.
„Секако разгледуваме неколку барања од Европејците“, рече Венс.
Ракетите „Томахавк“ имаат дострел до 2.500 илјади километри, што значи дека во украински раце би можеле да стигнат до Москва.
Русија би го сметала обезбедувањето на такво оружје за Киев како ескалација на војната, пишува „Ројтерс“.
Трамп ги отфрли украинските барања за ракети со долг дострел во минатото, но оттогаш е фрустриран од одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да ја запре војната.
Кит Келог, специјалниот претставник на САД за Украина, откри дека Трамп навестил дека на Киев сега можеби ќе му биде дозволено да започне напади со долг дострел во Русија.
„Читајќи што кажа Трамп, како и што кажа потпретседателот Венс, одговорот е „да“. Искористете ја таа способност за да нанесете длабок удар. Нема безбедни засолништа“, изјави Келог за „Фокс њуз“ во неделата.