Вечерва промоција на „Годините кога научив да летам“ од Евгениј Хоуп во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во кумановскиот кафе бар „Министерство“ вечерва ќе се одржи промоција на романот „Годините кога научив да летам“ од Евгениј Хоуп.

Што е тоа дом? Што значи да се биде вдомен? Прашања што ќе го натераат дваесет и петгодишниот Михаил да се впушти во една животоменлива потрага, која започнува откако на едно од неговите автостоп патувања ја запознава глувонемата Алма Свенсон. На последниот ден од нивниот заеднички престој, девојката исчезнува, како никогаш и да не постоела. Барањето на нејзиното присуство завршува со наоѓање на едно книжуле со неколку скинати страници, посветено на некаков утопистички остров.

Авантура. Мистерија. Филозофија. Ова е приказна која зборува за решителноста на еден млад човек да напушти сѐ во животот и да тргне на патување низ европските патишта со една цел – да го најде внатрешниот мир на островот, за кој и не е сигурен дали воопшто постои.

Инспириран од животот на авторот, книгата Годините кога научив да летам, ќе ве одведе подалеку од вашите очекувања, ќе ве нурне во светот на талкачи, трагачи и номади, ќе ве спроведе на себеспознавачки координати и ќе ви дошепне колку е важно да се следиме себеси.

Промоцијата започнува во 20 часот, а кумановскиот автор со своето дело веќе се претстави пред скопската публика.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.