Утринава се измерени 30 од потребни 110 литри дотур на сирова вода преку бај – пас

Сподели со своите пријатели

Триесет од потребни 110 литри сирова вода е количината измерена во Филтер Станица ова утро, јавува ЈП Водовод, и со оглед на енормно намалениот дотур, од ЈП Водовод информираат дека со недостиг од вода за пиење, ќе се соочат не само високите, туку и средната и ниската зона во Куманово.

Loading...

Во разговор со директорот Горан Стојковски, дознаваме дека деновиве, поточно од 30 јули, дотурот на сирова вода од Липковската брана преку ЈП Водостопанство ”Кумановско – липковско поле” варира од 50 до 55 од потребните 110 литри вода во секунда, за да градот може непречено да користи вода во сите зони, и оттука и регистрираниот недостиг на вода во градот.

– Јавното претрпијатие Водовод размислува за преземање мерка на редукција на вода, со што виталните објекти како Општа Болница, Пожарна и сите здравствени установи ќе имаат вода на штета на останатите граѓани, и во моментот сме немоќни да сториме било што, откако се знае кој врши дотур на вода од Липковската брана, вели Стојковски.

Изјавите на челниците на ЈП Водостопанство ”Кумановско – липковско поле” дадени во разни медиуми, вели Стојковски, се исклучиво испратени со политичка порака, и веќе станува јасно дека Водостопанство не води војна со никој друг, освен со фактот што претпријатието е под капата на општината, во случајот предводена од СДСМ.

Од друга страна, во изјавата дадена за ТВ ПЛУС, Емрула Укшини, заменик директор на ЈП Водостопанство ”Кумановско – липковско поле” , го посочи Стојковски како директен виновник за лошото менаџирање на водените ресурси. Оттаму велат дека проблемите со дотурот на вода во Куманово почнале откако Стојковски дошол на директорската функција во „Водовод“. Укшини во изјавата побара оставка од Стојковски, тврдејќи дека тој е некомпетентен да си ја изврши својата работа.

– Ако ве интересира за бај пасот, вода таму има. Ако ве интересира за вода,  односно зошто град Куманово нема вода, одговорен е директорот на Водовод, затоа што тој лошо менаџира со целата состојба. Откако е дојден, тој има проблеми со вода во град Куманово. Ние како водостопанство одговараме за количините на водата и дотурот на вода до Филтер станицата. Тој дотур е обезбеден, а другите работи се надлежност и одговорност на ЈП „Водовод“, изјави Укшини за ТВ ПЛУС.

Според информациите на ЈП Водовод, денес во Филтер Станицата е измерен дотур од 30 литри сирова вода, дистрибуирана преку бај пас системот.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.