Газепов и Милошевиќ се двајцата боксери на БК „Металец“ од Куманово кои во 1961. година станале државни прваци. Тие учествувале на поединечното првенство на Македонија во бокс кое на 28 и 29 октомври 1961 година се одржало во Скопје.
Газепов освоил титула првак на Македонија во лесна категорија. Тој во финалната средба на поени го победил членот на „Трговски“ Ченгиќ. Газепов бил подобар во текот на сите три рунди и победата ја обезбедил со неколку директни удари.
Милошевиќ пак станал првак во полутешка категорија. Тој имал потешка задача, бидејќи за противник го имал ветеранот на „Трговски“ Трајковски.
Спортскиот печат во тоа време овие две борби ги окарактеризирал како најголеми изненадувања на првенството.
Но, успехот на тогашниот Боксерски клуб „Металец“ не го красат само првите две места. На истото државно првенство тројца боксери се закитиле со втори места, Авдиевски во категорија полувелтер, Маневски во велтер и Ивановски во средна категорија.
Проект на ЈОУ Библиотека „Наш весник“ за дигитализација на „Наш весник“
Извор: „Наш весник“ број 2 (петок, 10 ноември 1961. година)