Уште денеска барања за субвенции за органско производство, винско грозје, градинарство и овоштарство

Сподели со своите пријатели

Производителите на органска храна уште денеска можат да поднесуваат барања за субвенции од годинашната Програма за директни плаќања. Апликациите се доставуваат до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

До денеска е и крајниот рок за аплицирање за субвенции за произведени и продадени градинарски и овошни култури во преработувачки капацитети и грозје во регистрирани визби за производство на вино.

Програмата за поддршка на органското производство, освен утврдените субвенции кои се 30 отсто повисоки од оние за конвенциноналното, предвидува и дополнителни зголемувања: 50 проценти за полјоделски култури, сточарско и пчеларско производство, 70 отсто за овоштарство и лозарство, како и 100 проценти за градинарско производство. Проектирани се и по 3.500 денари за хектар тревни смеси за зелено ѓубрење, до 150.000 денари за преработка на органски производи (два отсто од вредноста на произведените и продадени производи) и до 150.000 денари за трговија или извоз на свежи и преработени органски производи (пет проценти од вредноста на продадени/извезени производи. Државата покрива и 50 отсто од трошоците за добиен сертификат издаден од овластено тело во 2017 година, како и 70 отсто од трошоците за анализи на остатоци од пестициди, тешки метали и други материи во почвата и во производите, но максимум 9.000 денари по земјоделско стопанство.

Поддршката за градинарски култури е 1,5 денар по килограм освен за пиперки и корнишони за кои изнесува три денари, а корисници може да бидат земјоделски стопанства кои од 1 март до 25 декември 2017 произвеле и продале количини во регистриран преработувачки капацитет за зеленчук.

Поддршката за овошни култури е два денара, а корисници може да бидат земјоделски стопанства кои од 26 декември 2016 година до 25 декември 2017 произвеле и продале овошје во регистриран преработувачки капацитет. За произведени и продадени праски во преработувачки капацитети од 12 до 30 јуни 2017 година поддршката е шест денари, додека за произведени и продадени лубеници на регистрирани откупувачи од 3 до 15 јули 2017 година поддршката изнесува два денара.

Субвенциите за винско грозје се два денара за килограм, а може да ги добијат производители кои го предале родот на регистрирани винарски визби или го искористиле за потребите на сопствените регистрирани капацитети за вино. При аплицирањето за финансиска поддршка, во прилог треба да се достави и потврда за откупени количини.

Извор: МИА

Loading...

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.