Началникот на унгарскиот Генералштаб, генерал-потполковник Ромулус Русин-Сенди предупреди на тензии во Западен Балкан бидејќи покрај војната во Украина, проблемот со миграцијата повторно е присутен на границата меѓу таа земја и Србија.
„Покрај војната во Украина, проблемот со миграцијата се врати и на јужната граница на Унгарија. Во регионот на Западен Балкан има многу тензии. Две третини од моите војници се распоредени некаде во странство“, рече тој, а пренесува порталот Балканска безбедносна мрежа.
Русин-Сенди додаде дека КФОР, како најголема копнена мисија на НАТО, бил под водство на унгарски генерал со две ѕвезди и дека тоа покажува колку Будимпешта е посветена на членството во НАТО.
Генералот посочи дека повеќе од 150.000 Унгарци живеат во Украина и дека досега повеќе од 100 Унгарци загинале во војната, борејќи се за Украина.
Првиот човек на унгарската армија заклучи дека Украина сега не може да влезе во НАТО, но тоа може да се случи во иднина.
Генералот Сенди рече и дека по Шведска и Финска, има и други земји кои чекаат да влезат во НАТО, без да прецизира на кого точно мисли.
Тој исто така посочи дека се уште е рано да се зборува за исходот од војната во Украина, но и го пофали борбениот дух на украинските војници.
„Војната е како бран. Се крши, оди горе-долу. Но, најважно е што украинските вооружени сили покажаа дека се подготвени за контранапад. Сѐ уште е на тактичко ниво, но ќе видиме какви ќе бидат резултатите. „Руската мечка“ секако не треба да ја потценувате. Русија е силна, но од друга страна, целиот демократски свет е на страната на Украина“, рече Сенди.
На прашањето зошто Унгарија не и пружила никаква воена поддршка на Украина во војната против Русија, тој одговорил:
„Ние сме обвинети дека ја поддржуваме Русија, што е многу глупава работа… Често слушаме дека балтичките земји се на линијата на фронтот, но има и други земји на источното крило на НАТО. Унгарија е во бизнисот на одвраќање. Паралелно, подготвуваме сопствена армија и сме единствената земја на првата линија која обезбедува воздушна поддршка на другите“, рече тој.
„Се разбира, имаме политички насоки. Не ѝ даваме смртоносно оружје на Украина, бидејќи Унгарија поддржува мир, а не војна“, додаде тој.
Тој смета дека НАТО треба да биде подготвен да одговори на заканата што доаѓа од исток и дека сите земји членки треба да го зголемат нивото на трошоците за одбрана на два отсто од бруто националниот производ.
Тој исто така смета дека Европа треба повеќе да работи на зајакнување на сопствената безбедност, а не да чека помош од некој друг.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.