Унгарија блокираше 50 милијарди евра помош од ЕУ за Украина

Сподели со своите пријатели

Унгарија ја блокираше помошта од 50 милијарди евра од ЕУ за Украина, само неколку часа откако Европскиот совет одлучи да ги започне пристапните преговори со земјата.

Loading...

„Резиме на вечерашната средба: вето за дополнителни пари на Украина“, напиша синоќа унгарскиот премиер Виктор Орбан на мрежата Х, по состанокот на Европскиот совет во Брисел.

„Ќе се вратиме на тоа прашање следната година по соодветна подготовка“, додаде Орбан.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно истакна дека без финансиска поддршка од Запад, Киев речиси сигурно ќе ја загуби војната со Русија и бара нова рунда европска помош од 50 милијарди евра.

Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека има уште време и дека Украина нема да остане без пари во следните неколку недели, пренесува Би-би-си.

Тој изрази надеж дека договорот за помош на Украина ќе биде постигнат на почетокот на следната година, односно на крајот на јануари, бидејќи Украина во моментов има поддршка од 26 земји-членки, но дека за обезбедување финансиска помош е потребна согласност од сите ЕУ земји и дека без согласност на Унгарија не може да се донесе конечна одлука.

Европскиот совет вчера донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија, а на Грузија да ѝ се додели статус на кандидат за членство во ЕУ.

Орбан претходно изјави дека Украина не ги исполнува условите за членство и дека Унгарија не може да се согласи со таа одлука, но за да дозволи да се донесе таа одлука, тој ја напушти просторијата за време на одлуката и не учествуваше во нејзиното донесување.

Loading...

Претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел потврди дека другите 26 лидери на земјите-членки се договориле за пакетот помош за Украина, како и за пошироките предлози за буџетот за блокот, иако Шведска сè уште треба да го консултира својот парламент.

Неговиот портпарол додаде дека тие 26 земји исто така едногласно се согласиле за отворање на пристапните преговори со Киев, јави Би-Би-Си.