Украинските власти денеска соопштија дека собориле две ракети и 60 дронови истрелани во девет региони во текот на изминатата ноќ, во продолжение на руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина.
Според украинските власти, соборени се 60 од 74 руски беспилотни летала, како и две од петте руски ракети, пренесува Ројтерс.
Околу 15 руски беспилотни летала беа соборени само над Киев во третиот голем напад на главниот град на Украина за четири дена, соопшти градската управа.
„Овој пат тие користат само нападни дронови“, рече шефот на воената администрација во Киев, Сергеј Попко.
Украинската војска објави и дека во средата нападнала артилериско складиште и две складишта за нафта во Русија, предизвикувајќи пожар во складиштето за нафта Атлас во јужниот дел на Ростовската област.
Исто така, Армијата на Украина го нападна нафтениот капацитет на Зенит во руската област Киров, како и артилериско складиште во руската област Воронеж.