Украинската армија повторно зазеде село на јужниот фронт од руските сили каде во последните денови ја интензивираше контраофанзивата, изјави заменик-министерот за одбрана Хана Маљар.
„Ослободена е Старомајорска во Доњецката област. Нашите бранители сега вршат операции за расчистување“ на руските војници, напиша таа преку Телеграма.
Ова е еден од првите опипливи резултати на украинската офанзива во тој сектор на фронтот од јуни, пренесува агенцијата Франс прес.
Украинските војници веќе вратија неколку села на сртот на Вримивка, кој тешко може да го одбрани руската војска и кој се наоѓа на неколку километри од главните одбранбени линии на руските сили.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео преку Телеграм на кое се прикажани војници со украинско знаме во близина на ѕид од бодликава жица.
„Нашиот југ, нашите момчиња, слава на Украина“, напиша Зеленски.
На таа снимка војниците велат дека го „ослободиле селото Старомајорска“.
На почетокот на јуни, украинската армија започна голема контраофанзива со намера да ги потисне руските сили од териториите под нивна контрола на југ и на исток.
Досега, контраофанзивата постигна скромен напредок за Киев со заземањето на неколку села и платото во близина на разурнатиот град Бахмут, епицентарот на борбите во источна Украина.
Руската армија вчера соопшти дека одбила голем украински напад, во кој учествувале стотици војници, кај Орихов, во вториот сектор на јужниот фронт.
Руските сили од своја страна се во офанзива на североисток, а последните денови најавија дека територијално напредуваат во правец на Лиман, каде во вторникот објавија дека зазеле село.
Our South!
Our guys!
Glory to Ukraine!🇺🇦🇺🇦🇺🇦 pic.twitter.com/GUg83fXEk0
— Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) July 27, 2023
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.