Вториот човек кој раководи со воената разузнавачка служба на Украина вели дека киевските шпиони активно се обидуваат да го убијат Владимир Путин и дека рускиот претседател добро знае за тоа.
Ова во интервју за германски „Велт“ го призна заменик-шефот на украинското воено разузнавање Вадим Скибицки.
„Путин гледа дека сме се поблиску до него, но се плаши и дека ќе биде убиен од сопствениот народ. Многу луѓе во Русија сè уште ја поддржуваат оваа „специјална операција“, но благодарение на социјалните мрежи и телефонските проверки, ние знаеме дека Русите се исплашени затоа што загинаа многу нивни сонародници“, изјави Скибитски за „Велт“, пренесува index.hr.
„Исто така се обидуваме да го убиеме Пригожин“
Скибицки тврди дека украинските шпиони се обидуваат да го убијат и сопственикот на групата „Вагнер“ Евгениј Пригожин, чии платеници се обвинети за грозоморни воени злосторства против украинските војници.
„Наш приоритет е да го елиминираме командантот на единицата кој им наредува на своите луѓе да нападнат. Се обидуваме да го убиеме Пригожин. Путин е на врвот на листата на удари во Украина. Тој е број еден затоа што координира и одлучува што ќе се случи. На крајот секој ќе биде одговорен за своите постапки, како рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Тој планираше напад врз Украина…“, рече тој.
Дали на мета ќе бидат и другите поврзани со Кремљ?
На прашањето дали пропагандистите, олигарсите и цивилите исто така ќе се сметаат за валидни цели, Скибицки одговори:
„Ние сме во војна, а тоа се нашите непријатели“, рече тој.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.

