Руските сили продолжуваат со ракетни напади врз воени цели и цивили низ Украина, соопшти во средата украинската војска.
Во Мариупол – кој се чини дека е на работ на колапс по неколкумесечна опсада – Украина прави „се што е можно и невозможно“ за да ги спаси борците заробени во фабриката за челик Азовстал, која е опкружена од руските сили, велат украинските вооружени сили.
Тој додава дека руските сили напаѓаат и во Доњецк, и продолжуваат да ги гранатираат пограничните области Чернихив и Суми.
Стотици борци беа евакуирани од Азовстал во текот на изминатите неколку дена, но некои сѐ уште се заробени. Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар рече дека Киев знае колку војници сѐ уште има во фабриката, но тие не сакаат да ја откријат таа бројка.
Украинската армија во вторникот побара од оние што сѐ уште се во Азовстал да се предадат, ставајќи крај на исцрпувачката тримесечна опсада на пристанишниот град на југоисток.
Украина вели дека ќе ги замени своите сили за руски воени заробеници, но сѐ уште нема потврда од Москва.
Високиот руски функционер ги обвини украинските војници дека се нацисти и воени злосторници, а рускиот Врховен суд треба да го сослуша барањето на обвинителството групата на која припаѓаат многу украински борци – Азовскиот полк – да биде прогласена за терористичка организација.
Преговорите меѓу двете земји за завршување на војната се ставени во мирување. Русија вели дека Украина „практично се повлече“ од разговорите, додека Киев ја обвинува Москва за недостиг на компромис.