Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников упати покана до странските пилоти и специјалисти кои се „подготвени и способни“ да користат и сервисираат американски борбени авиони Ф-16 за да се приклучат на одбраната на Украина.
Резников го упати овој апел за време на заедничкиот брифинг за печатот со неговиот дански колега Троелс Лунд Поулсен во медиумскиот центар во Одеса, пренесува украинската новинска агенција УНИАН.
„Овој повик е упатен до пилотите. Доколку има пилоти кои знаат да летаат со борбени авиони Ф-16 и се подготвени да учествуваат (во војната), ние сме подготвени да им ја отвориме вратата“, рече Резников.
Засега, САД одбиваат да испорачаат борбени авиони Ф-16 на Украина.
Американскиот претседател Џозеф Бајден за време на посетата на Киев изјави дека на Украина сè уште не и се потребни авиони бидејќи, како што истакна, во моментов САД им обезбедуваат на украинските вооружени сили и друго важно оружје.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изрази уверување дека на Украинците на бојното поле во моментов им е потребна воздушна одбрана со долг дострел и оцени дека повеќенаменскиот борбен авион Ф-16 нема да и помогне на Украина во оваа фаза од војната.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.