Откако експлозија уништи голема брана на реката Днепар во јужна Украина, украинското Министерство за земјоделство во вторникот соопшти дека се очекува да бидат поплавени околу 10.000 хектари земјоделско земјиште на северниот брег на реката во регионот Херсон, според првичните проценки.
Се очекува дека поплавите ќе бидат многу поголеми на јужниот брег на реката, во регионот под руска окупација, се вели во соопштението на Министерството на својата веб-страница.
Детални информации ќе бидат објавени во наредните денови кога министерството ќе има појасна слика за состојбата.
„Покрај тоа, вештачката катастрофа ќе го наруши снабдувањето со вода за 31 систем за наводнување на полињата во регионите Дњепропетровск, Херсон и Запорожје“, соопшти Министерството.
„Уништувањето на хидроцентралата Каховка ќе значи дека полињата во јужна Украина би можеле да се претворат во пустини веќе следната година“, се додава.
Загрозена вода за пиење
Би било загрозено и снабдувањето со вода за пиење во населените места.
Дополнително, од Министерството за земјоделство велат дека очекуваат негативни последици за рибарството.
Браната беше уништена рано наутро во вторникот во јужниот дел на Украина, во областа Херсон, окупиран од Русија.
Кремљ го обвинува Киев. Од друга страна, Украина и многу западни набљудувачи се убедени дека руските окупатори сами ја разнесоа браната – веројатно за да спречат планирана украинска контраофанзива.
Русија води војна против својот сосед повеќе од 15 месеци.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.