Целта на Киев е да добие милијарда долари помош од САД, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Дмитриј Кулеба.
– Во нацрт американскиот буџет за 2022 година е предвидена целокупната помош за Украина во износ од 756 милиони долари, меѓу другото и 400 милиони долари за зајакнување на безбедноста. Сепак, нашата цел – една милијарда долари поддршка, останува непроменета и самоуверено се движиме кон тоа – рече Кулеба.
Како што истакна, Киев води отворен и директен дијалог со Вашингтон на сите нивоа.
Кулеба додаде дека американската страна доделила над 460 милиони долари преку американскиот Стејт департмент, Пентагон и Американската агенција за меѓународен развој и поддршка на клучните реформи во Украина.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно изјави дека заканите за „многу строги економски санкции“ наметнати од американскиот претседател Џо Бајден за време на видео-самитот со рускиот претседател Владимир Путин не се доволни да ја запрат Москва.
Тој истакна и дека е огорчен поради тоа што Германија ја блокирала испораката на одбранбено оружје за Украина.
По онлајн самитот со рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека САД нема да користат сила еднострано против Русија.
Тој додаде дека го предупредил Путин дека САД се подготвени да воведат остри економски санкции во случај на напад на Украина.