Воздухопловните сили на Украина денеска објавија дека во моментов немаат ефикасна одбрана од балистички ракети кои Иран, според новите извештаи, планира да ги испрати во Русија.
Јуриј Ихнат, портпарол на украинските воздухопловни сили, изјави дека дострелот на иранските балистички ракети кои наводно пристигнуваат во Русија е од 300 до 700 километри, што ќе и овозможи на Русија да погоди цели каде било во Украина.
„Постои голема веројатност ракетите да бидат испорачани северно од украинската граница, од каде ќе можат да бидат лансирани на целата територија на Украина“, изјави денеска Ихнат на прес-конференција одржана во Киев.
Претходно денеска Си-Ен-Ен објави дека Иран се подготвува да и испрати на Русија дополнителни 1.000 оружја, вклучувајќи балистички ракети земја-земја и камикази дронови.
„Имаме противвоздушна одбрана, а не противракетна одбрана“
На прашањето дали вооружените сили на Украина се подготвени да се бранат од такви типови ирански ракети, Ихнат рече дека Украина „ќе преземе какви било заштитни мерки против такви ракети“.
Сепак, тој предупреди дека во моментов немаат ефикасна одбрана од такви ракети.
„Теоретски, можно е да се соборат, но тоа е многу тешко да се направи со она што моментално го имаме на располагање“, додаде тој.
„Имаме противвоздушна, а не противракетна одбрана“, рече Ихнат, додавајќи дека Украина верува дека на Русија и снема сопствените ракети „Искандер-М“, поради што е принудена да се сврти кон Иран.
„Очигледно е дека овие проектили им доаѓаат за да ги заменат искандерите, кои им снемуваат“, рече портпаролот.
„Иран е учесник во агресијата“
Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Зеленски, го нарече Техеран „учесник во агресијата“.
„Иран испраќа ракети до Руската Федерација и знае дека Русите ќе ги користат за да ги нападнат нашите градови. Тие ги обучуваат Русите да користат дронови знаејќи дека ќе ги користат за напад на украинскиот енергетски сектор и ќе предизвикаат нов бран бегалци кон европскиот Унија“, објави Подољак на Твитер.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.