Ученици од СОУ „Перо Наков“ дел од проектот „Европски виртуелни компании“

Сподели со своите пријатели

Ученици од Средното Општинско Училиште „Перо Наков“ во изминатиот период беа дел од проектот „Европски виртуелни компании“ од програмата Еразмус плус, финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Република Северна Македонија.

Loading...

Носител на проектот е училиште од Италија, а останати партнери се училишта од Австрија, Шпанија и Хрватска.

 

 

Како што појаснува наставничката Ивана Близнаковска Доцевска, целта на проектот е зголемувањето на свесноста на учениците за основање  сопствени компании, будењето и поттикнувањето на претприемачкиот дух, развивање способности за воочување разлики во самото работење на компаниите во Македонија и во други европски држави. 

– На неколкуте мобилности кои се одвиваа виртуелно во изминатитов период (мобилности предводени од Австрија, Хрватска и Северна Македонија), учениците се запознаа со работењето на виртуелните компании во сите наведени држави. Иако во нашиот образовен процес сите ученици формираат виртуелни компании за потребите на наставата, овде беше формирана нова виртуелна компанија. За потребите на компанијата, учениците изработуваа бизнис планови, маркетинг планови, каталози, веб страни, фејсбук страни, и инстаграм страници, изјави наставничката Близнаковска Доцевска.

 

Loading...

 

Во рамките на проектот, учениците го посетија и Сан Себастијан во Шпанија, каде сите имаа можност и физички да се запознаат, освен Италија поради ковид рестрикции за патувања.

– Од нашето училиште присуствуваа 6 ученика и 2 наставника. За време на мобилноста, учениците се стекнаа пред сѐ со многу нови пријателства и се запознаа со многу различни култури. Секако, не изостана ниту работниот дел, којшто се одвиваше во училиштето во Сан Себастијан, во кој  учениците работеа на маркетинг плановите на нивните виртуелни компании, вели наставничката.

 

 

 

Loading...

Виртуелна мобилност организираше и самото училиште „Перо Наков“ при што акцентот беше ставен на социјалниот аспект на компаниите.

– Учениците, освен тоа што се стекнаа со знаења во врска со социјалното претприемништо, тие успеаја да  ја додадат и социјалната димензија на сите бизниси поединечно, преку различни начини коишто беа претставени на мобилностите, додава таа.

 

 

Повеќе информации во врска со проектот може да се прочитаат на официјалната фејсбук страна на проектот EVB European Virtual Business.

Никола Ивановски