Полскиот премиер Доналд Туск во вторникот дојде во ненадејна посета на Лавов, каде што ја повтори цврстата поддршка на Варшава за Украина во нејзината војна против Русија.
Сепак, тој предупреди дека Полска не е во состојба да му „даде сè“ на својот сосед бидејќи и самата се соочува со растечки закани од Кремљ.
„Не сме во состојба да дадеме се. На некој начин и ние сме земја на првата линија. Полска се повеќе станува мета на саботажи, диверзии и хибридни акции насочени директно против нашите граѓани и нашата земја“, рече Туск на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски по нивната средба.
Премиерот сепак нагласи дека Полска останува солидарна со Украина, нагласувајќи дека тоа е клучно не само за одбраната на Украина, туку и за безбедноста на самата Полска, со оглед на се поагресивните потези на Русија во регионот.
Туск, исто така, ги призна историските „подеми и падови“ во односите меѓу Варшава и Киев.
Запрашан од новинарите за долготрајните тензии околу масакрот во Волин во Втората светска војна, во кој украинските герилски групи убија десетици илјади Полјаци, Туск рече дека би било „страшна грешка и непростлив грев“ да се остави да се закануваат „лошата историја и лошите емоции“, солидарноста меѓу Полска и Украина.
И покрај сојузот против Русија, тензиите меѓу двете земји повремено излегуваа на површина.
Во август, Туск се закани дека Полска ќе го блокира пристапот на Украина во Европската унија, чие претседавање Полска го презема следната година, доколку Украина не ги исполни неопходните „културни и политички стандарди“.
Сепак, полскиот премиер сега го промени својот став, потврдувајќи ја во вторникот посветеноста на Варшава за забрзување на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ и поддршка на нејзиното членство во НАТО.
Од друга страна, Зеленски изјави дека е „задоволен од соработката“ меѓу министерствата за култура на двете земји и истакна дека се постигнува напредок во решавањето на историските тензии.
„Го цениме сè што Полска направи за Украина“, рече Зеленски, пренесува „Политико“.