Турција ќе продолжи со операцијата во Африн дури ако сириските Курди постигнат договор со Дамаск за помош

Сподели со своите пријатели

Турција ќе продолжи да ја спроведува операцијата „Маслиново гранче“ во реонот на сирискиот град Африн, дури и ако Курдите од Силите за заштита на народот постигнат договор со Дамаск за обезбедување на воена помош, изјави денеска портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калин на прес-конференција во Анкара.

– Информацијата дека Силите за заштита на народот склучиле договор со силите на Башар Асад е неточна. Можно е во реалност да се водат вакви преговори, но дури и ако биде постигнат договор меѓу нив, ние ќе продолжиме да ја спроведуваме операцијата „Маслиново гранче“, рече Калин.

Тој нагласи дека Турција не води директни разговори со сириската Влада, но нејзините пораки индиректно се пренесуваат во Дамаск.

Калин информира дека сириски провладин конвој од околу 50 возила вчера се обидел да влезе во Африн, по што бил одбиен со турски артилериски напад.

Турскиот функционер додаде дека провладините сили отстапиле источно од Алепо и додаде дека обидите да влезат во Африн ќе имаат сериозни последици.

Претседателскиот портпарол, исто така, рече дека Турција поставила шест пунктови за набљудување во Идлиб и оти планира да изгради вкупно 12 такви локации.

Калин нагласи дека Анкара е оптимист, но во исто време е претпазлива во однос на односите со САД по посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на Анкара минатата недела. /МИА


Leave a Reply