Перуанските власти уапсија три лица по смртоносниот бомбашки напад во ноќен клуб, а бројот на повредени се искачи на 44.
Нападот се случи рано наутро во саботата во клубот „Дали“ во градот Трухиљо, во регионот Ла Либертад, кој е познат како најголем регион за производство на злато во Перу, но и поради широко распространетата изнуда и нелегалното рударство, објави NBC News.
Малолетници меѓу повредените, четворица во критична состојба
Регионалниот здравствен орган Ла Либертад потврди дека бројот на повредени се зголемил од 33 на 44.
Меѓу нив има тројца малолетници на возраст од 16 до 17 години.
Најмалку 10 пациенти се отпуштени од болница, но четворица остануваат во сериозна состојба, изјави Херардо Флоријан, извршен директор на здравствената мрежа Трухиљо.
Полицијата уапси три лица, клубот беше привремено затворен
Градските власти го затворија клубот на 30 дена затоа што го прекршил работното време и уредбата со која се забранува влез на малолетници.
Сопственикот или сопствениците на клубот не беа веднаш достапни за коментар.
Канцеларијата за односи со јавноста на полицијата потврди за Асошиејтед Прес дека три лица се уапсени во случајот, но не даде дополнителни детали.
Локалната телевизија прикажа снимки од тоа како осомничениот е однесен од страна на полицијата во лисици.
Регионот беше погоден од стотици експлозии
Експлозијата во саботата е најновата во серијата напади што го погодија Ла Либертад.
Во текот на 2025 година, во регионот беа регистрирани 286 експлозии, од кои 136 се случија во градот Трухиљо, според официјалните податоци.
Во јануари минатата година, експлозивна направа детонираше во зградата на обвинителството во Трухиљо, а во август и септември, две експлозии оставија повеќе од дваесет повредени и оштетија десетици домови.

