Три лица од Куманово се позитивни на вирусот, од кои едно починато

Сподели со своите пријатели

Кај три лица од Куманово е потврдено присуството на коронавирусот, информираше денеска на прес конференција градоначалникот Максим Димитриевски.

Loading...

Како што појасни тој, едната од нив е веќе починатата педесет и седумгодишна кумановка, вториот случај е нејзиниот син, а присуство на болеста Ковид 19 е потврдено и кај уште едно лице.

Тој упати сочувство до семејството на починатата, а на заболените им посака брзо закрепнување.

– Куманово има три потврдени случаи кои се позитивни на тестот на Ковид 19. За жал еден со смртни последици. Согласно информациите кои што ги добивме од Централниот кризен штаб, сакам најпрвин да искажам длабоко сочувство до семејството на веќе починатата наша сограѓанка, а воедно и да посакам успешно лекување на членот на нивното семејство, како и на сограѓанката која што е исто така инфицирана од коронавирусот, рече Димитриевски.

Дека во Куманово има три случаи, преку социјалните мрежи соопшти и директорката на кумановската болница Снежана Захариева.

– За жал,и Куманово има пациенти позитивни на тестот за Корона вирус(2019-nCoV). Денес една позитивна пациентка, префрлена на Клиника за инфективни болести, и за жал уште 2 позитивни теста за пациенти претходно лекувани во изолација кај нас на инфективниот оддел. Кај двајцата претходни пациенти тестовите беа негативни, но лошата клиничка слика, наглото влошување на состојбата и смрт на пациентката беа мотив за повторно тестирање. За жал,тестовите излегоа позитивни. Синот на починатата се наоѓа на Клиника за инфективни болести во стабилна состојба, напиша Захариева на Фејсбук.

Семејствата на сите позитивни ке бидат во изолација, додава директорката.

– Апелирам до сите граѓани да не кријат контакти и патувања во странство. Ги загрозувате вашите најблиски, но и медицинскиот персонал. Разочарана сум од ниското чувство на одговорност кај сите кои мислат дека лесно ке се справиме со болеста. Од сите нас,од нашето однесување ке зависи епилогот на оваа битка. Апел до медицинскиот персонал: не заборавајте дека сите САКАВТЕ да бидете вработени во болница. Изборот на професијата е личен! Да останеме присебни и на висина на задачата која е пред нас. Кога е лесно,не ни треба помош, сега-и ние и пациентите, со многу сериозен пристап кон новонастанатата ситуација, додава Захариева.

Loading...

Инаку на денешната прес конференција во 15 часот министерот за здравство Венко Филипче информираше само за двата случаи, починатата кумановка и нејзиниот син.

Согласно одлуката на надлежните известување за бројот на случаи се врши само во 12 часот заклучно со изминатите 24 часа. Дали третата пациентка била регистрирана попладнево засега е непознато и одговор нашата редакција ќе побара за следната прес конференција на министерот закажана за вечерва.

Никола Ивановски

Leave a Reply