За време на вонредната состојба во Италија поради пандемијата на коронавирусот, еден пар кој верувал дека земјата е рамна плоча испловил за да стигне до „крајот на светот“.
После многу перипетии, конечно успеале да се вратат дома, но мора да бидат ставени во карантин.
Средовечните маж и жена од Венеција се обиделе да ја докаже теоријата дека земјата е рамна плоча и дека „крајот на светот“ стои зад Лампедуза, италијански остров лоциран помеѓу Малта и Тунис.
Двојката ја напуштила Венеција за време на вонредната состојба и отпатувале за Термини Имерезе, град во северна Сицилија. Таму го продале автомобилот и купиле брод и се упатиле кон Лемпедуза.
Тие требало да пловат околу Сицилија и да продолжат на југ, но бидејќи изгледаа дека не се вешти морнари, по големи перипетии успеале да стигнат до островот Устика, крај северозападниот брег на Сицилија.
Лекарот на поморската здравствена служба Салваторе Зикики, кој бил во спасувачкиот тим кој ѝ помогна на двојката да стигне до брегот, се прашува зошто двајцата, ако веќе веруваат дека земјата е рамна плоча, користеле компас додека пловеле.
– Смешно е што користат компас за да се ориентираат, инструмент што работи на принципот на магнетизам на земјата, принцип што тие, како застапници на тезата дека земјата е рамна, не треба да го препознаваат – вели д-р Зикики.
Истражувачите кои се упатиле кон крајот на светот веднаш биле ставени во карантин.
Тие се обиделе да избегаат и да се вратат во морето, но биле запрени и вратени назад. По неколку дена, тие повторно се обиделе да избегаат од карантин, но не успеале во тоа.
Двојката од Венеција верувала дека крајот на светот е зад Лампедуза, а нивните истомисленици веруваат дека „Земјата е опколена од сите страни со леден ѕид што ја држи водата од океанот“. Овој леден ѕид, според нив, е она што истражувачите го нарекуваат Антарктик.
– Зад ледениот ѕид е тема од интерес на Друштвото на рамноземјаши. Според наши сознанија, никој не отишол подалеку од ледениот ѕид и се вратил за да може да ги сподели своите искуства. Она што го знаеме е дека тој ја опкружува Земјата и служи за задржување на водата во нашите океани и нè штити од сè што лежи зад тој ѕид – тврдат поборниците на тезата дека земјата не е кружна.
Меѓу другото, членовите на ова друштво веруваат дека Земјата по дефиниција не е планета, дека планетите и Сонцето се вртат околу Земјата, како и дека Сонцето се врти околу Северниот пол. Постојат одредени несогласувања меѓу членовите на оваа заедница и има десетици теории кои се обидуваат да докажат дека Земјата не е кружна.
Според една теорија, Земјата е како играта „Пекмен“. Исто како што Пекмен стигнува до крајот на екранот и веднаш се појавува на другата страна, така и поборниците на теоријата дека земјата е рамна плоча веруваат дека овој вид телепортирање е доказ зошто луѓето не паѓаат од работ на светот кога ќе стигнат до крајот.