Претседателот на САД, Доналд Трамп, во вторник во Овалната соба, пред публика составена претежно од деца, презентираше шокантни и насилни описи на војната со Иран, претворајќи го настанот што требаше да биде посветен на спортот и младите во бизарна политичка изјава.
Деца и спортисти се собраа за повторното воведување на претседателскиот тест за физичка подготвеност, но набрзо станаа публика за неговиот говор за војната во Иран и други теми, вклучувајќи ги и трансродовите спортисти.
Трамп им понуди на публиката, во која имаше новинари и професионални спортисти, мрачен и графички приказ на конфликтот, пренесувајќи ги своите клучни политички пораки додека камерите снимаа.
После тоа, тој започна импровизирана медиумска конференција, а децата стоеја настрана видливо збунети, објавува Индепендент.
Обраќајќи се на познатиот голфер Гари Плејер, Трамп рече:
„Тие би имале нуклеарно оружје. И, запомнете, го испративме тој прекрасен бомбардер Б-2 го уништивме нивниот нуклеарен капацитет. Тој беше целосно уништен.“
Тој продолжи во иста насока: „Иран со нуклеарно оружје… можеби сега немаше ни да бидеме тука. Можам да ви кажам, Блискиот Исток ќе исчезнеше. Израел ќе исчезнеше. А потоа прво ќе ја таргетираа Европа, а потоа нас.“
Најбизарниот момент
Еден од најнеобичните моменти се случи кога еден новинар го праша дали мисли дека иранските демонстранти можат да ја соборат владата со американска помош.
Трамп одговори опишувајќи брутално насилство врз демонстрантите.
„Тие немаат оружје. Можете да имате 200.000 луѓе на протест и пет или шест болни луѓе со оружје. И кога ќе почнат да пукаат право меѓу очите, гледате еден како паѓа, потоа друг, а немате оружје…“, рече Трамп, опкружен со деца.
„Минатиот месец убија 42.000 луѓе. 42.000 невооружени демонстранти“, додаде тој.
Потоа Трамп се осврна на протестите по смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина во притвор на иранската морална полиција во 2022 година.
Тој повторно ја опиша наводната употреба на снајперисти против невооружени граѓани, иако погрешно изјави дека ова се случило „минатата година“.
„Сите мислеа дека е крајот на Иран“, рече тој, опишувајќи ги масовните протести.
„И потоа одеднаш една жена падна мртва, погодена од куршум токму тука“, додаде тој, покажувајќи кон просторот меѓу очите.
Во еден момент, тој се осврна на пресретнувањето на брод што се обиде да ја пробие блокадата на Ормутскиот теснец.
Потоа повторно се сврте кон Плеер и нагласи дека еден истрел од американската морнарица во моторот бил доволен за да го онеспособи бродот.
На настанот присуствуваа членови на владата, вклучувајќи ги Линда Мекмахон, Пит Хегсет и Роберт Ф. Кенеди Џуниор, а тој зборуваше за тестот за физичка подготвеност во еден од ретките моменти релевантни за темата на собирот.
За трансродовите спортисти
Склоноста на Трамп кон импровизирани говори за актуелни прашања станува сè почеста на настаните во Белата куќа, но ова беше прв пат ваков испад да се случи пред деца.
Освен војната, тој се осврна и на прашањето за трансродовите лица во спортот.
„Никогаш не сум слушнал некој да каже дека е важно да им се дозволи на мажите да ги предизвикуваат жените во женските спортови“, рече тој, обраќајќи им се на децата и додавајќи: „Пет години сум претседател“.
На крајот, тој повторно му се закани на Иран, иако со помек тон од претходно: „Не сакаме да влегуваме и да убиваме луѓе, навистина не сакаме“.

