Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека завршувањето на војната во Украина се покажало како потешко отколку што очекувал, а причината, како што рече, е „несфатливата омраза“ меѓу рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски.
Трамп им рече на новинарите дека „ќе мора да интервенира“ за да има средба меѓу Путин и Зеленски, објави денес „Униан“.
„Сакам да го спречам тоа. И знаете, јас спречив седум војни. Мислев дека ова ќе ми биде лесно, но оваа се покажа како најтешка. Омразата меѓу Зеленски и Путин е неразбирлива“, рече Трамп. Тој изрази сомнежи за можноста за директни преговори меѓу украинските и руските лидери.
„Ќе има разговори – како и да ги наречете, самит или само состанок, не е важно. Но, веројатно ќе морам да интервенирам. Тие се мразат толку многу што едвај можат да разговараат. Тие едноставно не можат да разговараат меѓусебно“, рече Трамп, според Танјуг.
Американскиот претседател рече дека таков состанок ќе се одржи „релативно наскоро“, иако не прецизираше кога би можела да се одржи средбата меѓу Путин и Зеленски.
Трамп нагласи дека ќе воведе санкции против Путин само ако Европа го зголеми притисокот врз Москва и се откаже од руската нафта, објави денес Укринформ.
„НАТО мора да се обедини. Европа мора да се обедини… Европа е мој пријател, но тие купуваат нафта од Русија. Затоа не можеме да очекуваме дека ќе бидеме единствените што се целосно посветени на ова“, рече Трамп.
Тој нагласи дека „санкциите што ги воведуваат не се доволно строги“ и дека е подготвен да се движи во таа насока.
„Но, тие треба да ги заострат своите санкции во согласност со она што го правам. Сега тие само зборуваат, не дејствуваат. Земјите купуваат нафта од Русија и ја продаваат на одредени земји-членки на НАТО, не на сите, туку на одредени, многу важни земји-членки на НАТО“, рече Трамп, осврнувајќи се на земјите од ЕУ.
Осврнувајќи се на загубите во војната меѓу Русија и Украина, Трамп изјави дека „со сигурност знае дека речиси 8.000 млади војници загинале оваа недела во конфликтите меѓу двете земји“, додека, според него, загинале малку повеќе руски војници.
Во сабота, на 13 септември, американскиот претседател испрати писмо до земјите од НАТО, во кое наведе дека е подготвен да воведе сериозни санкции против Русија „кога сите земји од НАТО ќе се согласат и ќе почнат да го прават истото, а исто така ќе престанат да купуваат нафта од Русија“.