Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е отворен за средба со иранските власти за решавање на спорот околу нуклеарните амбиции на Техеран, но додаде дека Иран ќе се соочи со „многу насилна сила“ доколку не се согласи да биде „добар играч“.
Трамп рече дека може да се постигне напредок во врска со спорот околу Иран, иако „можеби не веднаш“.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска на самитот на Г7 во Бијариц дека се надева оти Трамп ќе се сретне со иранскиот претседател Хасан Рохани во наредните недели.
Макрон рече дека лидерите на Г7 се согласиле дека Техеран треба да ги исполни своите обврски во врска со нуклеарната програма, но дека постои надеж дека ќе дојде до дипломатско решение за иранско-американскиот конфликт, уште откако САД заминаа пред повеќе од една година од меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година на големите сили и Иран и ги воведе санкциите кон таа земја.
Францускиот претседател рече дека ќе работи со други потписнички на договорот од 2015 година за да напредува во решавањето на спорот со Иран.
Тој додаде дека се разговарало и за преговорите за нов договор.
Во договорот потпишан во 2015 година со шест големи сили – САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција, Германија и ЕУ, Иран се согласи да спречи активности со збогатен ураниум и, пак, ги укина меѓународните санкции.
Иран неодамна започна со збогатување на ураниум над границата утврдена со договорот, но рече дека може да ги прекине овие активности доколку другите потписнички на договорот предложат економски стимулации кои ефективно ќе ги олеснат санкциите на САД.