Територијалното ширење на градот Куманово


Куманово сè до почетокот на 19 век било едно обично село, населено со мешовито христијанско-муслиманско население. Во турските пописни дефтери од 16 век, денешното Куманово е регистрирано како село.

Во 1519 година имало 34 христијански и 19 муслимански домаќинства, а пак 1573 година бројот на христијанските домаќинства изнесувал 21, а на муслиманските 52. Ако појдеме од претпоставката дека едно семејство броело 5 членови, тоа значи дека во 1519 година, во Куманово имало 265 жители, а пак 1573 година, 365 жители. Развојот на Куманово во повеќето свери, и територијалното ширење на градот започнал особено во 19 век, како последица на силните миграциони движења кои го зафатиле Кумановскиот крај, а особено градот Куманово. Како битен фактор за „напредување“ на тогашното село Куманово е изградбата на железничката линија Скопје-Солун во 1873 година, и поврзувањето на железницата со соседна Србија, преку Куманово во 1888 година. Дотогаш во средновековниот период и во турскиот период, главен административен центар во Кумановската област (средновековно Жеглигово) бил во Нагоричане (Старо и Младо), бидејќи до втората половина на 19 век, по долината на р. Пчиња водел стар патен правец Солун-Штип-Врање-Белград. Да се навратиме на градот Куманово. Со зголемување на бројот на населението, како последица на споменатите силни миграциони движења, дошло до потреба од просторно уредување на градот, оформување на неговите улици, плоштади и сл.

vfdvfd

Всушност, во 19 век се пробиени главните улици на Куманово, од кои поголемиот дел постојат и денес. Во 18 век Куманово било типична турска касаба населена со поголем дел муслиманско население. Тргнувајќи од овој податок, постариот дел на градот ќе го бараме преку разместеноста на населението, оформените маала и верските објекти за кои имаме податоци. Најголемиот дел од турското население во 16, 17 и 18 век било населено околу старата Ески-џамија, во т.н. Орта-бунар маало, што наведува дека овој североисточен дел на градот претставувал еден од најстарите урбанизирани делови на Куманово. Врз база на податоците кои укажуваат дека во Куманово во истиот период, а и пред тоа, живеело и христијанско население, неговата лоцираност ќе ја бараме во пределот каде што во 1851 година е изградена црквата „Свети Никола“ на местото каде што дотогаш постоела мала црквичка вдлабена вземја со 9 скалила. Со преминот во 19 век продолжила концентрацијата на христијанското население во овој предел и тука израснало Варош-маало, кое заедно со Орта-бунар маалото ги претставувало најстарите урбанизирани делови на градот.

Меѓу двете маала течела суводолицата Серава, а аналогно на бројот на жителите на градот, во почетокот на 18 век имало многу празен меѓупростор кој низ целиот 19 век се пополнувал со новодојденото христијанско и муслиманско население. Христијанското население најчесто ги запоседнувало пределите по текот на Кумановска Вада, околу која се простирале плодните кумановски бавчи, додека муслиманското население се сместувало преку Серава, околу старата Орта-бунар маало. Според податоците што ни ги дава Јован Хаџи Васиљевиќ, кон крајот на 19 век Куманово било поделено на 12 маала населени со христијанско и муслиманско население, а маалата ги добивале своите називи според населениците и нивното потекло. Во периодот кога можеме да зборуваме дека Куманово ги добило сите белези на една градска урбана средина, а тоа е втората половина на 19 век, во градот постоеле следниве маала: Орта-бунар маало, Варош маало, Мехмедбегово, Ендек маало, Горно мухаџирско, Бедињско, Велешко, Варош-изир маало, Карапско, Теќе и Ново маало, додека Татар маалото и Липковското се слеале во соседните поголеми маала. Врз основа на етничкиот состав на населението, маалата се делеле на чисто христијански и чисто муслимански, а само Бедињско и Ендек маало биле со мешано население.

brbgr

Маалата, што претставувале основни територијални единици на градот, постапно се формирале низ целиот 19 век и нивното оформување непосредно било поврзано со настаните што се одигрувале во поблиската или подалечната околина на градот. Така, веднаш по војната од 1878 година, турската власт во Куманово ги населила Турците-мухаџири, кои биле разместени меѓу Ендек и Орта-бунар маало, од што произлегло и Мухаџирското маало. На сличен начин се формирало и Татарското маало, со оглед на тоа што на тој простор биле населени кримски Татари, на што не упатува и белешката на Ами Буе од 1836 година. Од населените карабичани (од селото Карабичане) во непосредна близина на подоцнежната црква „Св. Троица“ се формирало Карапско маало, а празниот простор меѓу ова маало и Варош-маало постапно се населувал со христијанско население, при што дошло до формирање на Проевскиот и Нагоричкиот сокак.

bgbgtr

Во периодот меѓу 1884 и 1912 година, од доселените велешани (башиноселци) се формирало Велешко маало, односно Велешкиот сокак (денешна ул. Народна Револуција) кој најпрвин зафаќал неколку куќи од Тумбата кон југ, а подоцна постепено се проширувал. Кон крајот на 19 век почнало населувањето на просторите по должината на патот кој водел кон железничката станица, а инцидентио се населувале и пределите покрај патот Куманово-Врање и Куманово-Крива Паланка до месноста Средорек. Откако Куманово од 1870 година топографски започнало одеднаш рапидно да се шири, особено најповеќе према југот, покажува и следениов пример: Кога власта 1868 година им забранила на христијаните да се „сахрануваат“ во црквениот двор на Старата Црква „Св.“ Никола, тие гробиштата ги преместиле кај тогашното Централно oсновно училиште во Велешкиот сокак. Кога на почетокот на 20 век градот допрел до гробиштата (до споменатото училиште), тие потоа ги преместиле во блзина на денешна „Соколана“, а кога градот 1914 година допрел и до таму, тие гробиштата ги преместиле понатаму, накај селото Биљановце (каде се наоѓаат и сега).

За да го заокружиме процесот на формирањето на маалата во Куманово, само ќе спомнеме дека во периодот по формирањето на Кралството на СХС во градот било оформено и Пиротско маало, од население кое било населено од околината на Пирот.

Меѓу маалата се трасирале и тогашните сообраќајници: Уќумат сокак, Нагоричкиот и Проевскиот сокак, Велешкиот сокак, патот на кој се надоврзувал правецот Куманово-Врање и Куманово-Крива Паланка и други помали улици. Во состав на градот во тој период неизбежно се наметнувале плоштадите, кои всушност претставувале пошироки простори чија основна намена била простор за пазар. Познати биле плоштадите-пазари, и тоа: ат-пазар, кој се наоѓал на пространата Тумба во срцето на градот и чаршијата и на кој се одвивала трговијата со стока и жито; Одун- пазар, кој се наоѓал во турскиот дел на градот и на кој се одвивала трговијата со дрва и јаглен; и Соларскиот пазар, на кој се одвивала трговијата со сол и со други прехранбени производи.

51515

Додека маалата претежно ја задоволувале потребата за живеење на населението, со развојот на градот, во неговиот строг центар во просторот меѓу Орта-бунар и Варош-маало се оформила чаршијата каде што се граделе мали занаетчиски и трговски дуќанчиња, анови и меани, зданија на турската управа и власта и сл.

Во процесот на оформување на јадрото на градот што се одвивал низ целиот 19 век, а посебно во неговата втора половина, свое место заземаат и зданијата кои имале еден вид јавна функција и ги задоволувале потребите на кумановското население.

Што се однесува до водоводната мрежа, Куманово сè до 1893 година немало добра вода за пиење. Дотогаш кумановците донесувале вода од извори (кладенци) кои се наоѓале во долината на Кумановска река. Во споменатата година, Куманово добило добра вода за пиење, каде со водовод била спроведена од атарот на тогашното село Бедиње, и тогаш во градот биле направени 17 чешми.

Извор:

Ј.Х. Васиљевић (1909) – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца,  Београд. стр. 42

А. Урошевић (1949) – Куманово (Годишен зборник на филозофскиот факултет во Скопје, Природно-математички оддел, књ. II Скопје 1949, с.1-44) стр. 33

Д. Масевски & М.Арсовски (2003) – Кумановo, [историја, уметност, традиција, култура], Македонска ризиница

Пишува:

Филип Ѓошевски – Дипломиран географ


© Со преземање на содржината ги прифаќате Условите за преземање содржини

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.