Строго доверливите документи на Пентагон шро протекоа на социјалните мрежи покажуваат песимистички американски став за состојбата на војната во Украина, ги истакнуваат проблемите на Украина со оружјето и противвоздушната одбрана и предвидуваат дека ќе има застој во војната во наредните месеци, пишува Си-Ен-Ен.
Документите, кои се чини дека датираат од февруари и март, ги наведуваат воените недостатоци на Украина додека Киев се подготвува за пролетна контраофанзива.
Неколку доверливи документи предупредуваат дека украинската противвоздушна одбрана со среден дострел за заштита на војниците од фронтот ќе биде „целосно исцрпена до 23 мај“, што сугерира дека Русија наскоро може да има воздушна супериорност и дека Украина може да ја изгуби способноста да ги собере копнените сили во контраофанзива.
Документите, исто така, ги истакнуваат проблемите со руската воена офанзива, предвидувајќи дека резултатот ќе биде ќор-сокак меѓу двете страни во догледна иднина.
„Руската жестока кампања на трошење во регионот на Донбас најверојатно оди кон ќор-сокак, попречувајќи ја целта на Москва да го заземе целиот регион оваа година“, се вели во еден од доверливите документи.
Официјални лица запознаени со ситуацијата изјавија за Си-Ен-Ен дека се чини дека документите се дел од дневниот разузнавачки брифинг подготвен за високи лидери на Пентагон, вклучително и началникот на Здружениот Генералштаб, генерал Марк Мили.
Документите ги откриваат главните проблеми на Украина
Документите откриваат дека американското разузнавање, наводно, предупредило во февруари дека Украина можеби нема да може да собере доволно војници и оружје за нејзината планирана пролетна контраофанзива и дека би можела да не ги исполни наведените цели на Киев за повторно заземање на територијата што ја зазеде, пишува Гардијан.
Во документот, означен како „строго доверлив“, цитиран од „Вашингтон пост“, се вели дека Киев се соочува со значителни „недостиг на генерирање сила и одржување“ и затоа најверојатно ќе оствари само „скромни територијални придобивки“.
Документот е снимка од ситуацијата на почетокот на февруари, а не е јасно колку Украина со поддршка на земјите-членки на НАТО успеала да ги надомести недостатоците оттогаш.
Друг документ, од 23 февруари, виден од Гардијан, го прикажува напредокот во изградбата на 12 „борбено веродостојни“ нови бригади кои ќе ја предводат контраофанзивата, опремени со 253 тенкови и околу 1.500 други оклопни возила од различни типови.
Три бригади требаше да формираат самите Украинци, а останатите девет да се формираат со помош на САД, сојузниците и партнерите.
Планираните бригади беа далеку од подготвени во времето кога беа креирани документите, а пет од нив допрва требаше да започнат со обука.
Шест бригади имаа половина или помалку од потребната опрема.
Заладени односи со сојузниците
Протечените документи, исто така, открија заладени односи со сојузниците и партнерите, вклучително и некои кои се чини дека се повеќе про-москва.
Еден од документите, извлечен од извештаите на разузнавањето на ЦИА, покажува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ги опишал САД како еден од тројцата главни противници на неговата партија Фидес на седницата за политичка стратегија на 22 февруари.
Дебатата се одржа на состанокот на парламентарната група Фидес во Балатонфуред. Провладин извор во Будимпешта тврди дека Орбон не ги именувал САД, туку администрацијата на Бајден како најголем противник, додавајќи дека тоа е „важна разлика“.
„Членовите на Фидес се плашеа дека американската влада некако ќе се вмеша во изборите“, додаде изворот. „Односите меѓу САД и Унгарија никогаш порано не биле толку напнати“, вели дипломатот од Будимпешта.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.

