Речиси една третина или 31 отсто од возрасните ширум светот, што е околу 1,8 милијарди луѓе, се изложени на ризик од болести поради недоволна физичка активност, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО).
СЗО предупредува дека најновите податоци укажуваат на загрижувачки тренд на физичка неактивност кај возрасните, кој се зголемил за околу пет проценти помеѓу 2010 и 2022 година.
Доколку овој тренд продолжи, се предвидува дека процентот на физички недоволно активно население ќе се зголеми на 35 проценти до 2030 година, се наведува на веб-страницата на СЗО.
Се посочува дека светот моментално не е на пат да ја исполни глобалната цел за намалување на физичката неактивност до 2030 година.
СЗО препорачува возрасните да имаат 150 минути физичка активност со умерен интензитет или 75 минути активност со силен интензитет неделно.
Физичката неактивност ги става возрасните на поголем ризик од кардиоваскуларни болести, како што се срцев удар и мозочен удар, како и дијабетес тип два, деменција и рак на дојка и дебелото црево.
Највисоки стапки на физичка неактивност се забележани во азиско-пацифичкиот регион (48 проценти) и Јужна Азија (45 проценти).Во западните земји со високи приходи, тој процент е 28.
Последните податоци покажуваат и дека жените се помалку физички активни од мажите на глобално ниво (34 проценти наспроти 29 проценти за мажите), а физичката активност е најниска кај луѓето постари од 60 години.