Полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово денеска реализираа превентивна активност во централното градско подрачје на Куманово, насочена кон заштита од имотни деликти.
Во рамки на акцијата, полицијата оствари непосредна комуникација со граѓаните и ги информираше за мерките за заштита и самозаштита од разбојништва, џебни и дрски кражби.
Како што информираат од СВР Куманово, ваквите активности имаат едукативно-информативен карактер и се насочени кон спречување и намалување на бројот на кривични дела од оваа област.
Воедно, од полицијата апелираат до граѓаните, особено во летниот период, да внимаваат на својата имотна сигурност.
„Не оставајте информации на социјалните мрежи дека сте надвор од домот, проверете ги вратите и прозорците при излегување, особено оние во ниските делови и терасите. Вредните предмети не оставајте ги на видно место во возилата, а при користење пари и платежни картички бидете внимателни“, се наведува во апелот.
Од СВР Куманово потенцираат дека секојдневно се преземаат различни превентивни кампањи, вклучително и активности за подигнување на свеста кај граѓаните за начините на извршување на кражби.
„Само преку заедничка соработка помеѓу граѓаните и полицијата ќе обезбедиме безбедна средина за живеење“, порачуваат од полицијата.