Светот во 2020: Познати личности кои се заразија со Ковид-19

Сподели со своите пријатели

Бројот на луѓе кои страдаат од коронавирус се зголемува секојдневно, вклучително и некои од најпознатите светски личности од политичкиот и јавниот живот.

Loading...

„На крајот јас ќе бидам во право. Изјавив неодамна дека коронавирусот ќе исчезне и тоа сега пак го повторувам“, изјави во јули американскиот претседател Доналд Трамп.

Два и пол месеци подоцна, Трамп објави дека тој и неговата сопруга Меланија се позитивни на Ковид-19 и се наоѓаат во карантин.
Трамп многумина го критикуваа поради неговиот неодговорен однос кон пандемијата, неносењето маска, непочитување физичко растојание и поради изјавите со кои ја намалуваше здравствената опасност на коронавирусот.

Два дена пред да се зарази со коронавирус, за време на првата претседателска ТВ дебата, Трамп го омаловажи својот ривал од редовите на демократите Џо Бајден бидејќи постојано носи маска и не одржува предизборни митинзи поради пандемијата. Тој вирусот го нарече „безопасен“, тврдејќи дека заболуваат само повозрасни лица и луѓе со срцеви болести, а во првите недели од пандемијата, јавно предлагаше заразените да се лекуваат со „вбризгување средства за дезинфекција во организмот“.

Уште поостар став против коронавирусот имаше неговиот бразилски колега Жаир Болсонаро. Тој го сметаше Ковид-19 како „слаба настинка“ и ги обвини медиумите за ширење лажни вести, со цел да внесат страв меѓу населението.

Додека официјалните бројки на починати од Ковид-19 драстично се зголемуваа во Бразил, претседателот Болсонаро во врска со таа ситуација единствено рече: „Па што?“.

Тој ги повика Бразилците да се вратат на работните места, ракувајќи се и фотографирајќи се со своите приврзаници на митинг во Бразилија.

Неколку месеци подоцна, Болсонаро трипати по ред беше позитивен на Ковид-19. Дури четвртиот пат неговиот тест беше негативен.

Loading...

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека бил „асимптоматски“ инфициран со коронавирусот, неколку дена пред да биде повторно избран на претседателските избори на 9 август.

Тој претходно стравот од пандемијата го опиша како „психоза“, па дури им сугерираше на луѓето да пијат алкохол, да одат во сауни и да играат хокеј на мраз.

Британскиот премиер Борис Џонсон во март беше позитивен на коронавирусот. Тој повеќе денови помина во болница во Лондон. Три дена се наоѓаше на одделот за интензивна нега, каде добивал кислород и бил постојано под лекарски надзор. Кон средината на април беше отпуштен од болничко лекување, по што Џонсон му се заблагодари на болничкиот персонал бидејќи му го спасиле животот.

Кон средината на декември францускиот претседател Емануел Макрон објави дека е позитивен на Ковид-19 и замина во еднонеделна изолација.

Советникот за национална безбедност на САД, Роберт О’Брајан бил позитивен на коронавирус, се наведува во соопштението од 27 јули.

Британскиот принц Чарлс (71) бил позитивен на вирусот, соопшти неговата резиденција на 25 март. Престолонаследникот се изолираше седум дена во неговата резиденција во Шкотска со лесни симптоми.

Принцот Алберт од Монако (62) беше позитивен на коронавирус, но неговото здравје „не предизвика загриженост“, соопшти неговиот кабинет на 19 март.

Сопругата на канадскиот премиер Џастин Трудо, Софи, беше позитивна на коронавирус по враќање од Велика Британија кон средината на мај. Поради тоа, и премиерот Трудо беше принуден да остане 14 дена во самоизолација.

Loading...

Поранешниот италијански премиер, 83-годишниот Силвио Берлускони беше инфициран со коронавирус на почеток на септември, по што беше десетина дена хоспитализиран поради воспаление на белите дробови.
Две од неговите деца, како и неговата 30-годишна пријателка, беа исто така позитивни на Ковид-19. Кај Берлускони бил утврден вирусот по враќањето од брегот на Сардинија, каде летуваат италијанските богаташи и познати личности.

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, исто така, беше заразен со Ковид-19 во март, како и поранешниот генерален секретар на НАТО, Хавиер Солана, кој во март беше хоспитализиран поради позитивниот тест на коронавирус.

На листата на политичари кои во Србија беа заразени со коронавирусот се: Александар Вулин, Маја Гојковиќ, Чедомир Јовановиќ… На почетокот на пандемијата и српскиот претседател Александар Вучиќ се шегуваше и тврдеше дека „таму кадешто ќе ставите алкохол, таму коронавирус не расте“.

Времената боливиска претседателка Жанин Ањес во текот на летото изјави дека тестирањето покажало дека е позитивна на коронавирус.

И претседателот на Гватемала, Алехандро Џаматеи беше инфициран од Ковид-19.

Претседателот на Хондурас, Хуан Орландо Ернандез беше позитивен на коронавирусот, а од неговиот кабинет соопштија дека тој ги почитувал здравствените мерки, но поради природата на неговата работа не било можно да биде во целосна изолација.

Од коронавирусот почина поранешниот претседател на Индија, Пранаб Мукерџи на 84-годишна возраст, откако претходно неколку недели беше в болница.

Коронавирусот не ги поштеди ниту спортистите.

Loading...

Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ во јуни доби позитивен тест на Ковид-19. Тој им извини на сите кои се заразени со вирусот за време на егзибицискиот турнир, кој го организирал во Србија и Хрватска.

Светскиот рекордер во спринт и осумкратен освојувач на олимписки златен медал Усеин Болт доби позитивен тест на коронавирус, потврди Министерството за здравство на 24 август. Атлетичарската легенда бил тестиран неколку дена по забавата по повод неговиот 34-ти роденден. Тој тогаш изјави дека се наоѓа во карантин и нема никакви симптоми.

НБА кошаркарот и напаѓач на Бруклин Нетс, Кевин Дурент во март беше заразен со коронавирус.

Бразилскиот фудбалер Нејмар е еден од тројцата играчи на ФК Пари Сен Жермен кои се заразиле со коронавирус. Инфицирањето на играчите во клубот се поврзува со патувањето на одмор на тимот на шпанскиот остров Ибица. Нејмар подоцна на Инстаграм објави фотографија со синот, кој според извештаите, исто така бил позитивен, со коментар: „Благодарам за пораките, нам на сите ни е добро!“

Меѓу фудбалерите, заразени со коронавирус се и играчот на Челзи, Калум Хадсон-Одои и на Сампдорија, Маноло Габијадини. Позитивен тест на Ковид-19 имаше и тренерот на Арсенал, Микел Артета, поради што неговиот тим беше во изолација.

Кошаркарот на Јута Џез, Руди Гоберт се потсмеваше и шегуваше во врска со коронавирусот, по што беше потврдено дека и тој самиот бил инфициран. Потсмевајќи се со вирусот, Гоберт ги допираше сите микрофони на прес-конференција, како и работите на неговите соиграчи во соблекувалната. Наскоро беше потврдено дека неговиот соиграч Донован Мичел исто така бил заразен со коронавирусот. Веднаш потоа и натпреварите во НБА лигата беа откажани.

Loading...

Позитивен на коронавирусот беше и кошаркарот, Американецот Треј Томпкинс, кој игра за Реал Мадрид.

Коронавирусот ги погоди и голем број познати актерски имиња во светот.
Глумецот Том Хенкс и неговата сопруга, актерката и пејачка Рита Вилсон, се меѓу првите познати личности кои објавија дека се инфицирале со вирусот. Двојката го добила позитивниот тест на почетокот на март во Австралија. По закрепнувањето и враќањето во САД, Хенкс се ангажираше луѓето да се придржуваат кон мерките за спречување на ширењето на болеста.

Шпанскиот актер Антонио Бандерас кон средината на август доживеа непријатно изненадување на својот 60-ти роденден, откако му е потврдено присуство на коронавирусот. Бандерас изјави дека роденденот го поминал во изолација, дека е „поуморен од обично“, но „во надеж дека ќе закрепне што поскоро.“

Поранешниот борач кој стана филмска ѕвезда, Двејн „Рок“ Џонсон, е еден од најновите познати личности на листата на заразени со Ковид-19. Преку видео објавено во септември на Инстаграм тој откри дека заедно со сопругата и двете деца се позитивни на коронавирус, додавајќи дека со тоа доживеал тежок удар. Џонсон упати повик до луѓето да не ја политизираат пандемијата и да носат заштитни маски.

Триесет и четири годишниот глумец, Роберт Патисон, најмногу познат по улогата на романтичниот вампир Едвард Кален, беше позитивен на тест за Ковид-19, па од таа причина, по само неколку дена од повторниот почеток, е прекинато снимањето на филмот Бетмен. Патисон, кој се појавуваше и во филмовите за Хари Потер, ја презеде улогата на Бетмен откако минатата година се повлече Бен Афлек.

Loading...

Од Ковид-19 се заразија и повеќе светски музички ѕвезди.

Мадона била заразена со коронавирус кон крајот на турнејата Madame X. Пејачката и членовите на екипата биле болни по настапите во Париз кон почетокот на оваа година. На Инстаграм, каде таа помагала да се соберат средства за развој на вакцина против вирусот, Мадона ги информирала своите фанови дека таа е позитивна на антитела, што значи дека веќе го имала вирусот, без да знае.

Американската пејачка Пинк изјави на 5 април дека две недели претходно добила позитивен тест на коронавирус и е веќе здрава. Таа дала еден милион долари за помош во борбата против Ковид-19.

Италијанскиот оперски пејач Андреа Бочели истакна дека се чувствувал како да „живее кошмар“ за време на борбата со вирусот во март.

Пласидо Доминго, еден од најголемите оперски пејачи во светот, објави во март дека има коронавирус и се наоѓа во изолација.

Loading...

„Чувствувам дека е моја морална обврска да објавам оти сум позитивен на Ковид-19, познат и како коронавирус. Јас и моето семејство сме и ќе останеме индивидуално изолирани онолку долго колку што се смета за медицински неопходно. Во моментов, сите сме со добро здравје, но имав симптоми на кашлица и треска, па решив да се тестирам и резултатот беше позитивен, напиша тогаш Доминго на својот фејсбук-профил.

Познатиот кантри пејач Џо Дифи почина во март на 62-годишна возраст, откако му се влошила здравствената состојба како последица на коронавирусот. Тој два дена претходно дознал дека е позитивен на Ковид-19.

Докторот од Вухан, Ли Венлианг, кој прв предупреди на опасноста од епидемијата на коронавирусот, почина во февруари во болница од последици на Ковид-19.

Габриела Точко

Leave a Reply