Свечена седница на Советот на Општина Куманово по повод „11 Ноември“ (фото+видео)

Сподели со своите пријатели

Свечена седница на Советот на Општина Куманово по повод Денот на ослободувањето на Куманово, „11 Ноември“ денеска се одржа во големата сала во поранешен комитет, каде се обратија повеќе советници на сите четири јазици кои се користат во локалниот парламент, македонски, албански, српски и ромски јазик.

 

Loading...

 

На седницата присуствуваа и претставници на централната власт, поранешни градоначалници и претседатели на Советот на Општина Куманово, претставници на верските заедници, политичари, дипломатски кор, но и претставници на збратимените градови на Куманово од четири држави од регионот.

Градоначалникот Максим Димитриевски, во своето обраќање првин даде историски развој на градот, за да потоа потенцира дека треба да продолжиме да ја градиме и создаваме иднината како борците од Народно ослободителната борба.

– Најголемата честитка е до нашите сограѓани, токму тие низ историјата во духот на кумановскиот темперамент не дозволија никој да манипулира со нив, се одважија и го спасија мирот и соживотот во Куманово и со тоа ја задолжија Република Македонија многу. И покрај сите предизвици Куманово продолжи да се развива и гради во еден модерен и урбан центар, да му пркоси на тешкиот социо-економски елемент во држава со заложбите да гради просперитетна иднина на сите наши граѓани. Денеска Куманово празнува и затоа сакам да испратам порака до сите вас, наши граѓани и граѓани на Република Македонија, како што денеска го одбележавме пранзикот во духот на Карев, на гоце, на Питу, во духот на Карпош и Шабани, да продолжиме понатаму да го градиме нашето заедничко Куманово и заедничка Република Македонија, рече Димитриевски.

 

 

Претседателката на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска порача дека треба да бидеме пример на нашите деца како се почитуваат различностите и како се негуваат заедничките вредности. Мургашанска додаде дека ќе се гради концептот на ефиаксна локална самоуправа која ќе се зафати со спроведување на децентрализацијата.

– Богатството и големината на луѓето е колку ќе споделат со другите, а не колку ќе задржат за себе. Советот на општина Куманово ја препозна потребата да се биде разбран, еднаков и почитуван. Единствени во државата, а можеби и во регионот денес од говорницата на нашиот локален парламент на мајчин јазик зборуваат советниците Албанци, Срби и Роми. Куманово секогаш било синоним за борбеност, истрајност и отвореност за сите добронамерни луѓе. Економскиот и културниот развој на градот му одредија посебно место во општеството, а големите имиња го однесоа во светот на науката, уметноста, медицината и спортот, рече Мургашанска.

Пред присутните на ромски јазик се обрати советникот Самет Салиевски, на српски јазик обраќање имаше Томица Илиќ, додека на албански јазик поздравен говор упати советничката Адељина Адеми.

Годинава не беа врачени највисоките признанија во градот, Ноемвриската награда поради како што претходно најавија надлежните, законски пречки, поради кои одлуката не можела толку бргу по конституирање на советот да излезе во Службен весник. Сепак, градоначалникот Димитриевски додели три призанија, на УНДП, Драган Стојамновски – претседател на Здружение на армиски и полициски ветерани и Ветон Љтифи, проф. др. на Универзитетот Југоисточна Европа.

 

Loading...

 

Програмата беше збогатена и со настапи на градскиот женски хор.