Сугарески: Над 20 милиони евра за водоводни и канализациски мрежи

Сподели со своите пријатели

Дваесет милиони евра ќе бидат вложени во изградба на водоводни и канализациски мрежи во над 20 општини, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Акцентот со новиот инвестициски циклус е ставен на руралните општини каде има само 18 проценти покриеност со водоводна и канализациска мрежа. За четири години, потенцираше Сугарески, опфатот треба да се зголеми на 40 проценти во насока на рамномерен регионален развој и баланс меѓу урбаните центри и руралните средини.

Министерството за транспорт и врски го реализира проектот во соработка со Европската инвестициска банка, КФВ банката и Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија.

Од дваесетте милиони евра за проектите, дел се обезбедени преку функционален и поволен заем, а останатите се неповратни средства преку грант со помош на меѓународни партнери.

Како што најави министерот Сугарески, новите проекти за водоводна и канализациска мрежа треба да почнат со реализација за два до три месеци, а во меѓувреме да се спроведат соодветните постапки за јавни набавки и избор на изведувачи на активностите.

Извор: МИА

Loading...