Федерален судија во понеделник го блокираше обидот на администрацијата на Доналд Трамп да ја прекине правната заштита за повеќе од 350.000 Хаиќани во САД, спречувајќи ја нивната можна депортација во земја погодена од насилство на бандите.
Окружниот судија на САД, Ана Рејес од Вашингтон, го блокираше обидот на Министерството за внатрешна безбедност на САД да го укине привремениот заштитен статус (TPS) на Хаити.
Одлуката требаше да стапи на сила во среда и покрај ескалацијата на насилството што расели повеќе од 1,4 милиони луѓе.
Рејес, која беше назначена од поранешниот демократски претседател Џо Бајден, пресуди во колективна тужба поднесена од Хаиќани кои бараат да се спречи администрацијата да ги подложи на депортација со укинување на нивниот правен статус.
Во пресудата, таа наведе дека министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем веројатно ги прекршила пропишаните процедури за прекинување на заштитениот статус на хаитските имигранти во САД, како и правото на еднаква заштита според Петтиот амандман на Уставот на САД.
„Обвинителите тврдат дека министерката Ноем однапред одлучила да го поништи статусот и го сторила тоа поради нејзиниот непријателски став кон небелите имигранти. Тоа изгледа многу веројатно“, напиша Рејес.
Адвокатската канцеларија што ги застапува тужителите ја поздрави одлуката, истакнувајќи дека Хаити останува исклучително опасен.
„Оваа пресуда ги признава сериозните ризици со кои би се соочиле носителите на TPS од Хаити доколку бидат принудени да се вратат и гарантира дека тие можат да останат во Соединетите Држави, како што е наложено од Конгресот, да го продолжат својот живот, да придонесат за своите заедници и да ги издржуваат своите семејства“, рекоа тие.
TPS е достапен за лица чија матична земја е погодена од природна катастрофа, вооружен конфликт или друг вонреден настан. На подобните мигранти им обезбедува работна дозвола и привремена заштита од депортација.
Министерство: TPS отсекогаш бил наменет како привремена мерка
Министерството за внатрешна безбедност се обиде да го укине тој статус за десетина земји како дел од репресијата на Трамп против имиграцијата, тврдејќи дека TPS отсекогаш бил наменет како привремена мерка, а не „де факто програма за амнестија“. Портпаролката на министерството, Триша Меклафлин, на социјалните медиуми посочи дека пресудата ќе биде обжалена.
„На Хаити му беше доделена TPS по земјотресот што се случи пред повеќе од 15 години. Никогаш не беше замислена како де факто програма за амнестија, но претходните администрации ја користеа на тој начин со децении. Привремено значи привремено и активистички судија кој носи закони од клупата нема да го има последниот збор“, напиша Меклафлин.
На Хаиќаните првпат им беше доделена TPS во 2010 година, по катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,0 степени.
САД постојано го продолжуваа статусот, последен пат за време на администрацијата на Бајден во јули 2024 година.
Потоа статусот беше продолжен за дополнителни 18 месеци, до 3 февруари 2026 година, со образложение дека Хаити поминува низ „истовремени економски, безбедносни, политички и здравствени кризи“, поттикнати од активноста на бандите и недостатокот на функционална влада.
Кратко откако Трамп ја презеде функцијата, неговата администрација се обиде да ја ограничи таа хуманитарна заштита за Хаиќаните во февруари 2025 година, кога Ноем се обиде да го скрати продолжувањето на Бајден за статусот да истече во август.
Откако федерален судија во Њујорк во јули пресуди дека Ноем нема законско овластување да го стори тоа, нејзиниот оддел во ноември започна постапка за одземање на статусот на TPS на Хаити, велејќи дека повеќе нема „вонредни и привремени околности“ во земјата што би ги спречиле мигрантите да се вратат.
Во октомври, УНИЦЕФ процени дека повеќе од шест милиони луѓе, повеќе од половина од населението, вклучувајќи 3,3 милиони деца, имаат потреба од хуманитарна помош.

