Неколку стотици американски војници го напуштија Авганистан, објави денеска портпаролот на Пентагон, откако претседателот Џо Бајден одлучи да не го продолжи рокот за повлекување на американските војници од таа земја, кој истекува на 31 август.
Кирби прецизира дека евакуиран е персоналот на штабот, одржувањето и другите припадници на армијата кои ја завршија својата мисија на аеродромот во Кабул и чие заминување беше планирано.
„Нивното заминување е одраз на разумно и ефикасно управување со силите. Тоа нема да има влијание врз мисијата пред нас”, рече Кирби во изјавата, пренесува Си -Ен -Ен.
Американската телевизија наведува дека фактот што мал број американски војници веќе го напуштиле Авганистан покажува колку брзо се менува ситуацијата во таа земја.
Темпото на евакуација значително се забрза во последните денови, но една недела пред истекот на рокот, американската војска наскоро ќе мора да се концентрира на безбедно повлекување на своите војници и прекин на безбедносните операции на аеродромот, наместо да ги евакуира Американците и Авганистанците кои сакаат да ја напуштат земјата.
Свесен за опасноста од Исламската држава и другите терористички групи, Пентагон препорача Бајден да се придржува до договорот од 31 август како краен рок за заминување на американските војници од Авганистан, што и го стори.
Покрај тоа, потсетува Си – Ен – Ен, Талибанците отворено изјавија дека не сакаат американско воено присуство во Авганистан по крајот на август и предупредија дека тоа ќе има „последици“ доколку американските војници останат и по тој рок.
Бајден испрати илјадници американски војници на аеродромот во Кабул, откако Талибанците го освоија главниот град и поголем дел од Авганистан пред речиси две недели.
Околу 6.000 американски војници помагаат да се евакуираат американски државјани и загрозени Авганистанци, но и да се обезбеди аеродромот за да можат другите земји да ги евакуираат своите граѓани.
Конфликт во Г7 околу одлуката на Бајден да се повлече
За време на итно свиканиот видео самит на Г7 во вторникот за ситуацијата во Авганистан, лидерите на групата од седумте најиндустриски земји во светот се судрија затоа што американскиот претседател Џозеф Бајден инсистираше Американците да се повлечат од земјата зафатена од војна, која сега е под целосна контрола на Талибанците.
Во извештајот на АП се наведува дека лидерите на Г7 сепак успеале делумно да се договорат за условите за признавање и можна соработка со идната влада на Авганистан, која ќе ја водат Талибанците.
Сепак, разочарувањето било забележливо бидејќи Бајден не ги прифати барањата за продолжување на американското воено присуство на аеродромот во Кабул и по 31 август, со што се обезбеди евакуација на десетици илјади Американци, Европејци, граѓани на други земји, но и Авганистанци кои соработуваа со меѓународните сили и организации.
„Наш непосреден приоритет е да обезбедиме безбедна евакуација на нашите граѓани и Авганистанци кои беа наши соработници, како и да се осигураме дека сите други што сакаат можат безбедно да го напуштат Авганистан“, рече лидерот на Г7 во заедничката изјава.
На состанокот на Г7 присуствуваа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Еден ден пред самитот на Г7, директорот на Американската централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Барнс, се сретна во Кабул со талибанскиот водач Абдул Гани Барадар.
За време на разговорите со Барнс, Талибанците нагласиле дека нема да прифатат американско воено присуство на аеродромот во Кабул по 31 -ви август.