Станковски: Ќе продолжиме да бидеме пример за правилно водење на општинските ресурси и трошење на општинскиот буџет

Сподели со своите пријатели

„Создавање отчетна и одговорна општина за сите“ е целта во раководењето на општината Куманово на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ во следниот мандат, рече денеска на прес конференција кандидатот за советник Борис Станковски.

Loading...

Како што рече Станковски, ќе продолжат да бидат пример во државата за правилно водење на општинските ресурси и трошење на општинскиот буџет

– Постапките на спроведување на капитални, инфраструктурни проекти и јавни набавки, како и транспарентен, правичен и објективен начин на распределба на средствата кои одат директно кај граѓаните, преку поддршка и вложување во развој и реализација на нивните таленти. Веќе сме дел од групата на институции кои имаат највисок процент на транспарентност и отчетност во својата работа. Сакаме и понатаму да се стремиме кон унапредување на транспарентноста и отчетноста на нашата општина, изјави тој.

Во оваа сфера, тој денеска промовираше неколку проекти со кои ја побара поддршката од граѓаните на претстојните избори.

– Креирање на нова инклузивна веб-страница на Општината за лицата со попреченост да имаат пристап до информации, модернизација и редовно ажурирање на сите информации, кои што се од јавен интерес.  Редовно одржување на прес-конференции за новинари со отчет за работењето на Општината и јавните служби. Ова е особено важно затоа што граѓаните мора да ги имаат сите информации за тоа како нивната општина работи и како ги троши нивните пари. Ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за секоја значајна активност на локално ниво со цел навремено информирање на јавноста. Ќе издаваме Општински весник со реализирани активности, проекти и актуелни случувања и Општински гласник. Следува засилена двонасочна комуникација на Општината преку социјалните медиуми со граѓаните, каде што граѓаните секојдневно ќе следат и ќе се информираат за сите активности, проекти и сите настани на локално ниво. – Нашиот план е организирање на разни форми на јавни средби, со цел зголемена двонасочна комуникација со населението, изјави Станковски.

 

 

Loading...

Станковски најави и отворање канцеларија, Инфо центар – услуга на едно место во рамки на Општината, во која граѓаните од страна на административните службеници ќе ги добиваат сите потребни информации кои се во надлежност на локалната власт.

– Преку нова веб-апликација и мобилна апликација, граѓаните ќе можат полесно активно да испраќаат предлози, поплаки и барања во врска со актуелни проблеми со неколку клика во апликацијата, при што истите веднаш ќе бидат проследени до надлежната служба во Општината или јавните претпријатија, вели тој.

Зголемен број на отворени денови за средби со граѓаните, организирање на панел дискусии од сите сфери на општественото живеење, се само дел од проектите, кои, како што рече Станковски, ќе се реализираат по изборите.

– Организирање на младински форуми, каде што младите ќе можат поактивно да ги истакнат своите идеи и потреби. Организирање на избор на нови раководства во сите месни и урбани заедници со изминат мандат по однапред утврдена динамика, каде преку  директна комуникација со граѓаните ќе се утврдуваат приоритетите и потребите, кои ќе се отсликуваат во годишниот план и програма за развој на Општината. Редовна организација на анкети за истражување на мислењето на граѓаните за повеќе клучни сегменти од доменот на работата на јавната администрација и општинските служби за задржување на континуитетот во подобрување на услугите, рече тој.

Една општина може да биде успешна само доколку е отчетна, вели Станковски.

– Куманово покажа дека може да направи развој и напредок на овој план. Дозволете ни и во наредните 4 години да ја подигнеме транспарентноста на повисоко ниво и да создадеме општина која ќе биде брза во делувањето, која ќе работи исклучиво за интересите на кумановци и ќе биде пример за добро владеење. На 17-ти октомври дадете ни доверба за заеднички да продолжиме за мое, за твое, за наше Куманово, рече тој.

Станковски ги повика граѓаните да гласаат за независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски под реден број 80, како и за независната советничка листа под реден број 61.

Никола Ивановски

Loading...