ССМ бара УЈП со присилна наплата да обезбеди плата на оштетените работници

Сподели со своите пријатели

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара итно од Управата за јавни приходи (УЈП) блокираните средства да ги прераспределат на сметките на оштетените работници за плата, за да можат работниците да го надминат тешкиот период за нив и нивните семејства.

Loading...

– Иако со поддршката за исплата на плати, која на барање на ССМ продолжи да важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември и со која директно се зачуваваат работните места, со што до сега на 12.598 работодавачи им се исплатени вкупно 961.613.984 денари, за вкупно 61.556 вработени, повторно 179 несовесни работодавачи, на 338 работници не исплатиле плата за месец октомври, а за тоа добиле средства како финансиска поддршка за исплата на платите, посочуваат од ССМ.

Барањето на ССМ, финансиската поддршка да се исплати директно на сметките на работниците, додаваат, беше одбиено со образложение дека системот на УЈП не можел да го спроведе тоа.

– Истиот тој систем дозволи државата по четврти пат да биде изиграна и опљачкана од истите „газди“ за 5.271.771 денари од финансиската поддршка, така и за најмалку 2 милиона денари за придонеси кои ќе беа уплатени во државна каса, а со тоа и исто толку месеци работниците да останат без основна егзистенција и плата. Загрижува и фактот што голем дел од овие така наречени „газди“, се истите оние што на предлог на ССМ беа јавно објавени дека ја злоупотребиле и првата финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април, мај и јуни и против кои се поведени соодветни кривични постапки, нешто што никако не смеело да се дозволи да се случи, наведуваат од ССМ.

На работниците, додаваат, не им требаат долги процедури и постапки, туку им треба платата за овие месеци, па потребно е што поскоро да се овозможи да им се исплати истата на нивните сметки.

Марија Спасовска


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *