Британската даночна управа ја информираше јавноста дека ги запленила првите NFT во акција за сузбивање на потенцијалните нелегални активности.
Британската служба за приходи и царина заплени три NFT. Ова се случи по истрагата за обидот за измама на државната каса во износ од 1,4 милиони фунти.
Три лица се приведени поради сомнение за даночна измама во која учествувале 250 фиктивни фирми.
Службата за економски криминал во Британија соопшти дека запленувањето на NFT е предупредување за сите оние кои се надеваат дека можат да користат криптовалути за да сокријат пари. Сѐ уште не е позната вредноста на одземените НФТ.
NFT е „незаменлив токен“ или криптографски заштитено средство во дигитална форма.
Претежно е предмет од посебна вредност. Тоа можат да бидат уметнички дела, видеа, фотографии и многу повеќе.
Како форма на криптовалута, NFT користи блокчејн технологија за да го одреди сопственичкиот статус на дигиталните средства.
„Постојано се прилагодуваме на новите технологии за да можеме да бидеме во чекор со начините на кои криминалците и затајувачите на данок се обидуваат да ги прикријат своите средства“, изјави Ник Шарп за Ројтерс, официјален претставник на Службата за економски криминал во Британија.