Според Хелсиншки комитет, полицијата има двоен аршин на Табановце и Гевгелија

Сподели со своите пријатели

Хелсиншкиот Комитет во Македонија на официјалната веб страна го објави неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово, и ги опфаќа темите за просторните капацитети и организации присутни на терен, како и за институционалното постапување.

Loading...

Извештајот го пренесуваме интегрално.

12194510_10204753804435872_1367585186566832330_o

Гевгелија

Кампот во Гевгелија има два влеза, еден службен преку кој влегуваат службени возила и еден преку кој влегуваат бегалците. Постојат 3 пунктови на Црвен крст, пункт на невладината организација НУН која на бегалците им дели оброци, потоа пункт на Легис, и пет објекти на УНХЦР од кои првиот се користи за складирање на хигиенски средства, два за резерви од храна и по еден за вода и ќебиња. Исто така, на теренот има контејнери наменети за полициските службеници и припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), како и тоалети. Иако хигиената во тоалетите е на добро ниво, лицата задолжени за нивно одржување се жалат на недостаток на средства за дезинфекција. На теренот се поставени два големи шатори опремени со клупи, а наменети за одмор на бегалците кои поминуваат и чекаат воз, односно за одмор додека чекаат регистрација. Постојат два шатори на UNICEF наменети за одмор на семејства со деца. На терен се присутни и Humanity First кои делат кафе и чај, како и организацијата Ла Страда (Отворена порта).

УНХЦР исто така има поставено и дополнителни 6 шатори наменети за одмор на бегалците. Помеѓу двата влеза се наоѓаат четири мобилни канцеларии на IOM (Меѓународна организација за миграции) кои ги користат полициски службеници за регистрација на бегалците, а во кои исто така се присутни претставници на Здружението на млади правници. Загрижувачки е тоа што на терен е присутно само едно амбулантно возило со двајца медицински службеници и шофер за возилото. Раководител на кампот е Зоран Лазаровски.

Неправилности се забележуваат во постапувањето на вработените во ЈП Македонски железници – кондуктерите, како и во постапувањето на дел од полициските службеници кои се присутни на граничните премини. Кога има поголем наплив на бегалци и се создаваат колони, полицијата преку примена на сила или закана се обидува да ги контролира.

Во конкретен случај, полицијата ги подигнала во висина палките како знак на заплашување и удирала по торбите на бегалците со цел да ги принуди да ги слушаат наредбите. Ова придонело луѓето да бидат видно исплашени и вознемирени, што само ја влошувало состојбата и создавало паника. При справувањето со бегалците, полициските службеници често реагираат со агресивност (шлаканици и пцости). Иако се прават обиди, процесот на идентификување на полициските службеници кои неоправдано употребуваат сила врз бегалците е тежок, бидејќи бегалците брзаат да го напуштат местото на настанот, несакајќи да се задржуваат и да сведочат за таквите настани. Најмногу проблеми се забележуваат во постапувањето на кондуктерите на МЖ при продавањето на билети. Билетите им се наплаќаат по цена од 25 евра, при што често се случува кондуктерите да се обидуваат да ги измамат при враќање кусур или користење на различни валути. Проблеми се појавуваат и кога бегалците плаќаат во различни валути, па кондуктерите ги користат таквите прилики да се стекнат со противправна корист. Различно се наплаќаат и билети на малолетни деца, од сите возрасти.

Loading...

12186293_10206802097603194_3603340173612244658_o

Куманово

 Во кампот за бегалци Табановце се распоредени 15 куќички на УНХЦР. Постои еден пункт за делење храна и облека, еден пункт за престој на семејства, како и еден шатор за деца поставен од НВО “Легис”. Црвен крст има поставено два пункта и има исто така и два тоалета. Покрај овие организации, на теренот можат да се забележат и претставници на PREDA PLUS (невладина организација задолжена за дистрибуирање на пакети со храна и облека), АДРА- Македонија (Adventist Development and Relief Agency International- независна хуманитарна организација од Црквата на адвентистите на седмиот ден за специфични потреби на луѓето и општеството- за развој и помош при несреќи), хуманитарната организација EUROHUMAN, како и здружението за настава и култура, LEXO- Куманово. Од страна на наведените организации се задоволуваат потребите за најголемиот дел од средствата, односно храна, вода, облека, средства за лична хигиена, како и се обезбедува здравствена помош. Хигиената на теренот е релативно добра и се одржува редовно.

Раководител на кампот во Табановце е Горан Стојковски. Од согледувањата на набљудувачите, кампот има недостаток од поголем број на куќички за одмарање и преспивање на бегалците кои се задржуваат таму подолго време. Дополнително, има потреба од подобро означување, осветлување и тампонирање на патот кој води до граничниот премин со Србија и подобро означување на местата за да знаат бегалците каде се наоѓаат во секое време.

Со оглед на промената на времето и пад на температурите, итна потреба има од поголемо количество на зимска облека, обувки и кабаници за дожд.

Во кампот ретко се забележуваат полициски службеници, униформирани или во цивилна облека. Тие повремено транзитираат низ кампот, па и тогаш кога е потребна нивна интервенција, како на пример при судир на групи од бегалците, тие не се секогаш присутни за да интервенираат. Граничната полиција е распоредена на нејзините пунктови, кои се подалеку од теренот на кампот. Со оглед на тоа што билетите се купуваат при качувањето во Гевгелија, вработените во Македонски железници односно кондуктерите речиси и не ги напуштаат возовите. Волонтерите на терен се грижат за качување и слегување на бегалците во возовите, па постапувањето на кондуктерите не е забележано како несоодветно.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.