Според договореното: Избори во април, оставка на Груевски, нови министри и заменици

Сподели со своите пријатели

Ако утре бидат конечно потврдени, а не чувствуваме никаква причина да не бидат, целта е да имаме воедначени решенија сите партиципиенти во преговорите, да нема некакви дилеми, изјави Зоран Заев по конечно постигнатиот договор за спроведување на договорот од Пржино.

Loading...

Тој за новинарите вчера даде и осврт за тоа што може да се очекува од новоизбраните министри и заменици до изборите во април.

Одговорите ги пренесуваме интегрално.

Дали 24 април останува датумот за избори?

24 април останува датумот за избори.

Дали утврдивте кога премиерот би се повлекол од мандатот?

Датумот е утврден во Законот за Влада, онака како што е тоа напишано, потврдено, во договорот од 15 јули, тоа е во соодветно време премиерот дава оставка, а не подоцна од 100 дена пред одржување на изборите се бира Влада со нов премиер.

Тоа значи пред Нова Година?

Loading...

Роковите по Устав се 10 дена, плус 20 дена. Секако дека очекуваме приближно на овие рокови да биде поднесена оставката. Конечната цел е да бидат исполнети роковите 100 дена пред изборите да има Влада којашто би била во истиот состав, но со нов премиер.

Господине Заев, едно од најтешките прашања беше како да функционираат министрите од опозицијата во таа Влада и замениците. Какви решенија усогласивте? Како ќе функционираат?

Најголемата дилема во овие закони, пред се во Законот за влада, беше од кога се смета организација на избори и дали да стои во посебен член. Едноставно, решението го најдовме со тоа што ги преточивме формулациите на зборови од самиот Договор од 15 јули каде што се опишува дека заменикот министер, дополнителниот заменик министер имаат право на вето за сите финансиски, правни и човечки ресурси, коишто се однесуваат на организација на изборите. Исто така во законот е прецизирано дека министерот за внатрешни работи може да разрешува, распоредува, на исто ниво, на различно ниво, одредени раководни лица. Уште еднаш потенцирам, нашата интенција не е да ги смениме сите раководители, секако таму има професионалци, бараме пред се шанса да ја извршиме обврската за раководење со Министерството за внатрешни работи и со Министерството за труд и социјална политика. Сите сме на показ на јавноста, се надевам вие, новинарите, ќе `не следите во целиот овој период.

Да не заборавиме, ова го правиме да добиеме гаранција за граѓаните пред `се, за слободно изразена волја на изборите на 24-ти април, каде што покрај власта, гарантира и опозицијата. Истовремено, во овој период да ја подобриме нашата Македонија со демократизација на институциите, пред `се во делот на медиумите, во правосудството, во другите корективи во општеството, како Антикорупциската комисија и некои други институции, затоа што зголемена демократија во институциите ќе значи дека сите сме победници. На крајот на изборите може едната или другата страна да бидат победници, без разлика од македонскиот или од албанскиот блок, секако тоа е многу важно прашање, но да не заборавиме дека ова мора да биде исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Дали сте задоволен од договорот и дали ќе гарантира фер избори?

Јас сум задоволен од самиот договор, овој договор секако е основна гаранција за имсплементирање на она што се очекува од самиот договор, од самите поединци, од самото однесување, сега на сите нас заедно. Секако, самиот договор, сам за себе, нема доволно букви, зборови или членови од законите коишто ќе се преточат во Парламентот за да бидат доволна гаранција. Тоа зависи од сите нас, партиципиенти на изборите и секако гарантори на регуларноста на самите избори.

Дали сметате дека на Македонија и понатаму и се закануваат некакви безбедносни ризици, закани од типот на кумановските случувања? Се шпекулира помалку дека таква опасност демне над земјата.

Информациите коишто ги добивам јас, најверојатно ги добивате и вие се неофицијални информации. Искрено се надевам дека ниту нешто блиску до ова не му се случува на Куманово. Искрено се надевам. Секако, како претседател на партијата којашто го предлага министерот за внатрешни работи, од иднината недела би имал и такви информации, но би оставил вакви информации да добивате од соодветните институции. Но сепак би оставил таквите информации да ги добивате од соодветните институции, секако и од идната недела и од кадрите со кои СДСМ и опозицијата ќе партиципираат во тие институции, за да ви даваат дирекно информации за коишто сте заинтересирани.

Loading...

-Сметате ли дека сепак со ова одложување на договарањето и е направена непоправлива штета барем во овој момент на земјата во однос на интегративниот пат, така што веќе извесно е дека Македонија ќе добие условена препорака во Извештајот што ќе се објави следната недела? Имате други информации?

 Да не заборавиме дека и нашата намера за полноправно членство во Европската унија се темели на нашето чувство и определба нашите граѓани да ги чувствуваат европските вредности, да имаме живот како западните земји, како граѓаните кои живеат во Западна Европа, тогаш навистина ќе бидеме граѓани на Европската унија. Во Македонија наназад и се направени непоправливи штети, не е ова само со Извештајот, јас сум среќен што успеавме пред Извештајот да донесеме Договор, да го испочитуваме, затоа што очите се отворени и на комесарот Хан и на ЕУ, коишто ги носат ваквите одлуки, на коишто треба да им дадеме до знаење дека вреди да продолжат да прават напори во помагањето пријателски, без да навлезат во суверенитетот на нашата земја, пред се како пријатели, во унапредување на севкупниот квалитет на живот на граѓаните, а секако и исполнувањето на условите за полноправно членство во Европската унија.

-Дали СДСМ е способна за 6 месеци да ги демократизира институциите и да обезбеди фер и демократски избори?

Институциите ќе се демократизираат во нашата Македонија кога оваа власт ќе замине, тогаш ќе се демократизираат институциите, сега заедно со власта сме гарантори на фер, демократски и регуларни избори, онолку колку што сме застапени во власта, но сепак тоа е силна гаранција, од денеска има надеж за граѓаните на Македонија. Јас сум прв опозиционер и само ќе потврдам, реков дека денеска победи Македонија, ова значи дека граѓаните ќе имат слободно изразена волја, дека кога ќе дојде денот на изборите ќе одлучат онака како што тие мислат дека е најдобро за нив за нивните семејства, за нивната земја, за нашата Македонија. Тоа е таа гаранција за којашто се боревме и се надевам дека ќе ја успееме до крај да ја имплементираме заради сите граѓани на нашата Македонија.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.