Спасовски во работна посета на Министерството за безбедност на БиХ (фото)

Сподели со своите пријатели

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска (22.09.) во Сараево во рамки на работната посета на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина  имаше работна средба со неговиот домаќин министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Драган Мектиќ , на која што беше договорена поинтензивна соработка во неколку области од заеднички интерес на двете министерства.

На прес конференцијата по средбата министерот Спасовски истакна дека  – “на денешната средба почнавме постапка за потпишување на Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за школување полициски службеници во Мостар и Центарот за обука во Скопје“, притоа потенцирајќи дека за да се има силна полиција важен сегмент е и образованието.

“Агенцијата за школување на полициски службеници во Мостар има солидна програма и наставен кадар кој ќе помогне при процесот на стекнување и дооформување на стручното образование на полициските службеници во Македонија“, изјави првиот човек на македонското МВР.

 

Loading...

 

Според Спасовски Центарот за обука во Скопје пак, постојано работи на унапредување на програмите и наставниот кадар и може да понуди соодветна обука според потребите на полицијата на Босна и Херцеговина.

Исто така Министерот Спасовски констатираше дека – “двете држави се изложени на дејствија на радикални групи и криминални организации, па унапредувањето на полициската соработка е од исклучително значење. Денеска беше договорено одржување на редовни состаноци на раководителите на единиците за меѓународна полициска соработка, на кои ќе се разменуваат информации, но и ќе се договараат заеднички операции и генерални планови за дејствување“, додаде Спасовски.

Од своја страна пак министерот Мектиќ изјави дека постојат заеднички безбедносни предизвици и потребна е соработка за нивно надминување. “Разговаравме и за заедничкото делување во регионални проекти. Имаме заеднички проблеми како трговијата со наркотици, мигрантите и слично така што можеме меѓусебе да си помогнеме“.

 

 

Инаку, на средбата се разговараше и за соработката во справувањето со тероризмот, затоа што само со меѓусебна соработка може да се одговори на ваквите сложени предизвици.

Република Македонија и Босна и Херцеговина во последниот период интензивно работат на зголемување на соработката. Овој месец во Скопје беше потпишан договорот за взаемно признавање на возачките дозволи, што е од големо значење и за граѓаните на Босна и Херцеговина и за граѓаните на Република Македонија, а надлежните министерства работат и на финализирање на договорот за влез на државјаните од двете држави со лични карти.