Спасовски на отворањето на првата голема меѓународна „НАТО-ЕАДРЦЦ“ вежба – „Северна Македонија 2021“

Сподели со своите пријатели

„Длабоко сум уверен дека оваа прва меѓународна НАТО-ЕАДРЦЦ вежба од овој вид, која се реализира во нашата држава, ќе придонесе кон унапредување на ефикасноста и јакнење на меѓусебните врски во национални и меѓународни рамки, размена на искуства, интегрирање на ресурси и капацитети и придонес кон зголемување на превенцијата, раното предупредување, справувањето и санирањето на последиците од катастрофи“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната церемонија во Охрид, со која се најави почетокот на која од 20 до 24 септември ќе се реализира во Охрид и во Струга.

Loading...

Повикувајќи се на заедничките евроатлански вредности, јакнењето на единството и солидарноста, како суштински двигатели на меѓусебно приближување на државите, министерот Спасовски подвлече дека Република Северна Македонија, како држава која има чест да е домаќин на оваа меѓународна вежба на која ќе земат учество 28 земји со околу 700 учесници и дваесетина меѓународни организации, во последниов период покажа на дело дека посветеноста кон заедничките вредности не само што е можна и посакувана, туку е и единствено прифатливо решение за современите предизвици.

Според министерот за внатрешни работи, сценариото на оваа голема вежба опфаќа повеќе елементи, и тоа: елементарна природна непогода, спасување и укажување на помош на граѓаните, криминал, сајбер напади, лажни вести и слично, кои претставуваат одлична основа за развивање на капацитети и способности за градење на регионален пристап и стратегии, со цел соодветно спротивставување, сузбивање на овие криминални дејствија и преземање на конкретни мерки на дејствување, со што претставува адекватен одговор на предизвиците со кои во поново време се соочуваат државите.

„Меѓу потенцијалните ризици и закани по безбедноста на Република Северна Македонија како членка во НАТО, би ги издвоил организираниот криминал, нелегалната миграција, компјутерскиот криминал и сајбер нападите, лажните вести и, секако, пандемијата со Ковид-19, за кои во зависност од комплексноста за нивно откривање, спречување, степенот на опасност и интензитетот на последиците, е неопходен современ, регионален пристап и заедничка стратегија за делување“, рече Спасовски, додавајќи дека цивилната подготвеност при справување со кризни и сложени безбедносни состојби е од круцијално значење и основна обврска на членките на НАТО Алијансата.

„Тоа значи постигнување на интероперабилност и заштита на животот, имотот и личната сигурност на граѓаните. Бидејќи безбедносниот систем е основата на функционирањето на правната држава!“, порача Спасовски.

Министерот Спасовски посочи дека Министерството за внатрешни работи, како интегрален дел на Системот за управување со кризи е во постојана комуникација и соработка со останатите субјекти, а со цел унапредување на комуникацијата и координацијата помеѓу субјектите кои се дел од овој систем, е вклучено и во процесот на негова дигитализација, со примена на веб базираната алатка NICS (Next Generation Incident Command System).

Согласно сценариото за оваа прва НАТО вежба во Република Северна Македонија од ваков размер, која се базира на урбани операции за пребарување и спасување, како последица од природна катастрофа (земјотрес), планинска потрага и спасување, одговор на поплави, одговор на хемиски, биолошки или радиолошки инциденти и кампањи за лажни вести кои ќе влијаат на цивилното население и критичната инфраструктура во областа околу градовите Охрид и Струга, МВР на вежбата ќе учествува со над 200 припадници на дваесетина надлежни организациски единици, над 40 возила, пет пловни и два воздухополовни објекти, два тима за спасување од непристапни планински терени и вода, службени кучиња и др.

Центарот за управување со кризи е домаќин, односно организатор на сите активности поврзани со вежбата, во која учествуваат сите надлежни институции кои се дел од Системот за управување со кризи, а вклученоста во овие НАТО вежбовни активности претставуваат одлична можност за поддршка на националните власти и градење на нашите капацитети, преку подобрување на готовноста при природни катастрофи и катастрофи предизивикани од човек, подобрување на планирањето, превенцијата и одговорот, со што би се зајакнале националните капацитети за одговор при итни ситуации, со што се исполнува и една од целите – национално сертифицирање и операционализација од Република Северна Македонија за алатката NICS, развиена од програмата на НАТО за „Наука за мир и безбедност“.

Loading...