Советниците утре ќе расправаат по 28 точки на 5. седница

Сподели со своите пријатели

Советот на Општина Куманово утре ќе ја одржи својата петта седница на чиј дневен ред се очекува да се најдат 28 точки.

Седницата ќе започне со извештајот за реализација на програмата за работа на Советотна Општина Куманово за изминатата година, како и програмата за 2018 година.

Советниците ќе ги разгледуваат и годишните извештаи на Територијалната противпожарна единица Куманово, но и ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, а воедно ќе биде разгледан и годишниот извештај за преземени мерки и активности на Полициската станица од Општа надлежност Куманово.

На дневниот ред ќе се најде и предлог – решение за давање согласност на Статутарната одлука за изменување на Статутот на Приватна установа за деца – Центар за ран детски развој „Балтазар“, како и предлог – одлука за утврдување на право на користење и на критериуми за доделување на средства во вид на еднократна парична помош и помош во натура.

Членовите на Советот ќе го разгледаат и извештај за реализација на програмата за урбанистичко планирање, а воедно треба да ја разгледаат и изгласаат предлог – Програма за урбанистичко планирање на подрачјето на Општина Куманово за 2018 година.

Советниците ќе треба да разгледаат и неколку предлог решенија за избор на претседател и членови на комисиите за локален економски развој, урбанизам, за заштита на животната средина и природата, социјална, детска и здравствена заштита, комисијата за статут и прописи, за месна самоуправа, еднакви можности помеѓу мажите и жените и комисијата за безбедност, безбедност во сообраќајот и противпожарна заштита на Советот на Општина Куманово.

На дневен ред ќе бидат и точките со кои советниците ќе треба да именуваат членови на Управните одбори, како и надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиско работење на Јавните претпријатија „Водовод“ Куманово „Пазаришта“, „Чистота и зеленило“, „Куманово – гас“ и ЈП  „Куманово – паркинг“.

Советниците ќе треба да именуваат и претставници од Општината Куманово за членови на Управниот одбор и органот за надзор на Детска градинка „Ангел Шајче“, Библиотеката „Тане Георгиевски“, Дом за стари лица „Зафир Сајто” и општинскиот ученички дом „Професор Мијалковиќ”.

Се очекува во работата на седницата да учествуваат и членовите на опозицијата, кои претходно ги бојкотираа истите. Петтата седница ќе започне во 10 часот, а во живо можете да ја следите на програмата на телевизија „Плус“.