Набавката на нови лаптоп компјутери за членовите на Советот на Општина Куманово е редовна постапка по завршување на секој четиригодишен мандат, вели градоначалникот Максим Димитриевски.
– Сите субвенции кои што ги доби при потпишување на договори со мобилните оператори се обидуваме тие средства да ги искористиме за набавка на дополнителна електронска опрема која што ја даваме или на користење на општинските служби или на дел на јавните претпријатија или како што беше последниот случај со ковид центарот кој што комплетно општината со тие средства го опреми со електронска опрема, вели градоначалникот.
Според Димитриевски, лаптоп компјутерите се неопходни за функционирање на седниците на Советот, но советниците ако сакаат можат да се откажат од нив.
– Во овој случај лаптоповите се неопходни за да можат да функционираат седниците на советот. Ако некој смета дека може да работи без лаптоп, тогаш може слободно да се откаже, да не го подигне, а ние ќе најдеме начин дали ќе го користиме во општината, или пак ќе дадеме на користење во некоја друга јавна институција или некое училиште, додава Димитриевски.
Во последните две години, додава тој, општината има издвоено големи средства за набавка на високотехнолошка опрема и опремување на училиштата.
– Не само што ги опремивме со електронски уреди, туку и со електронски смарт табли можеби сме една од ретките општини во државата каде што во најголем број од училиштата поседуваме ваква опрема. Секоја донација е добредојдена, а политички изјави не сакам да коментирам, мислам дека одредени претставници во советот треба да одлучуваат врз база на нивните лични ставови кои што ги носат, рече тој.
Техничката опрема, вели Димитриевски, има свој рок на употреба и во многу случаи е поевтино да се набави нов лаптоп отколку да се сервисира стариот.
– Многупати е многу поевтино да набавите нова опрема, отколку да ја сервисирате старата или застарена опрема, бидејќи се работи за лаптопови каде што менување на една батерија сега чини поскапо отколку да се набави ново техничко средство. Истите лаптопови потоа откако ќе ги вратат одат на технички сервис и доколку добиеме информација од сервисерот дека може да бидат користени ги задржуваме во општината и ги користиме во понатамошна употреба во деловите и секторите каде што се потребни, појаснува Димитриевски.
Инаку, Општина Куманово претходно распиша оглас за набавка на 33 нови лаптоп компјутери за новиот состав на Советот, по цена од околу 600.000 денари.
Никола Ивановски