Со видео надзор Општина Куманово ќе се бори со вандалите

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово со два милиони денари ќе набави опрема за видео надзор на повеќе локации, со цел да се спречи понатамошно уништување на урбана опрема од страна на вандалите.

Loading...

Како што информираше на вчерашната седница на советот презентирајќи го Буџетот за 2021 година, раководителката на Секторот за финансии Ирена Илиевска истакна дека се кратат два милиони денари од ставката за зимско одржување и се пренаменуваат за опремата за видео надзор.

– Износот за зимско одржување врз основа на програмата се намалува за два милиони денари од 67 милиони се заменува со 65 милиони и 860 илјади денари. Парите се ставаат во програмата прекугранична соработка, купување на друга опрема. Инаку овие два милиони денари се за купување опрема за видео надзор каде дел ќе биде за проектот за Спомен Костурница и тоа се околу милион и 200 илјади денари а останатите исто за купување ваква опрема на дополнителни локации каде што има потреба, рече Илиевска.

Видео опремата на Спомен Костурница ќе се постави по завршувањето на реконструкцијата која е веќе во тек, најави и градоначалникот Максим Димитриевски во предновогодишното интервју за Кумановски Муабети.

– Спомен Костурница е проект кој што е веќе во тек. Планирана е изградба на три спортски игралишта, изградба на амфитеатар на веќе постоечкото спортско игралиште кое ќе биде реконструирано и дополнително изградба на атлетски патеки, патеки за пешачење, трим патеки, монтирање на опрема за гимнастика и сето тоа планираме да го затвориме со санитарни јазли и видео надзор за да може да не се оштетува опремата и да следиме што тоа се случува, изјави Димитриевски.

Мониторинг систем досега немало во Општина Куманово, појасни Димитриевски, кој истакна дека е најдено законско решение и ќе се постави видео опремата, која нагласува дека е скапа, бидејќи е професионална опрема.

Никола Ивановски

Leave a Reply