Снежната покривка на планините ноќва ќе се зголеми за над 30 сантиметри

Сподели со своите пријатели

Времето претпладне променливо облачно со сончеви периоди, во западните делови облачно со врнежи од дожд, на повисоките планини снег.

Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, попладне врнежите ќе се интензивираат и ќе се прошират насекаде. Пообилни врнежи ќе има во западните подрачја каде локално се очекува да наврнат над 30л/м 2 . Ќе дува засилен југозападен ветер, над 70 км/ч, а на планините и над 100 км/час. Максималната температура ќе биде висока во интервал од 8 до 16 степени.

Поради брз продор на студена воздушна маса проследен со засилен северен ветер, во вечерните и ноќните часови врнежите ќе преминуваат во снег и на некои пониски места, особено во северните и западните подрачја. На планините претежно на запад ќе има значително зголемување на снежната покривка, локално и над 30см, а ќе има и појава на снежни наноси.

Во Куманово и околината денеска ќе имаме облачно време со услови за врнежи од дожд. Максималната дневна температура ќе изнесува 10 степени целзиусови. Во текот на ноќта се очекува засилен ветер, а температурата да падне еден степен под нулата.

Во наредните два дена ќе биде стабилно и суво. Утре ќе биде постудено со засилен северозападен ветер, а дневните температури значително ќе опаднат и ќе бидат во интервал од 1 до 8 степени.

Во петок под влијание на југозападно струење дневните температури ќе бидат повисоки. Нови врнежи се очекуваат од сабота попладне.