Слупчанци ги искршија трафостаниците и направија дефект од највисок степен

Сподели со своите пријатели

Мештаните на липковското село Слупчане попладнево дивееле во селото и ги искршиле трафостаниците за снабдување со електрична енергија.

Loading...

Со тоа, како што велат од ЕВН, направиле дефект од највисок степен, оставајќи го и Слупчане, но и околните села без струја.

Без електрична енергија се селата Оризаре, Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце.

Дефекти во електроснабдувањето слупчанци предизвикаа и пред три недели кога првин не им дозволија на екипите на ЕВН да влезат во селото, а потоа нелегално се обиделе да приклучат електрична енергија па предизвикаа хаварија.

– Дефектот во снабдувањето со електрична енергија во село Слупчане е резултат на континуираното незаконско користење на електрична енергија. За жал, и дел од селата кај Липково се зафатени и се соочуваат со прекини во снабдувањето, велат од ЕВН.

Од ЕВН велат дека нема да вршат редовни работни активности во селото и да отстрануваат дефекти додека не им биде загарантирана безбедноста на работниците од Електродистрибуција.

До компанијата месната заедница на Слупчане претходно доставила низа нереални барања, меѓу кои да им биде простен долгот за струјата што досега ја краделе, но и секоја сметка да не биде повисока од 3.000 денари без разлика колку ќе потрошат струја.

Од ЕВН потенцираат дека 80 отсто од потрошената струја во оваа липковско село се краде.

Loading...

Никола Ивановски