Силен земјотрес во Авганистан и Пакистан: Најмалку 13 загинати

Сподели со своите пријатели

Најмалку девет лица загинаа, а 44 се повредени во северозападен Пакистан, изјави претставник на пакистанската влада, а болниците во северната провинција Хајбер Пахтунхва беа ставени во вонредна состојба во текот на ноќта.

Loading...

Најмалку четири лица загинаа, а 50 се повредени во Авганистан, изјави претставник на Министерството за здравство.

Оштетени се и куќи и згради во двете земји, соопштија властите.

Земјотресот го почувствувале околу 285 милиони луѓе во Пакистан, Индија, Узбекистан, Таџикистан, Казахстан, Киргистан, Авганистан и Туркменистан на област широка повеќе од 1.000 километри, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Епицентарот на земјотресот бил во планините Хиндукуш, во ретко населената североисточна авганистанска провинција Бадакшан, 40 километри југоисточно од селото Јурм, на значителна длабочина од 187 километри, соопшти Американскиот геолошки институт.

Во пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва, високиот функционер на провинцијата Абдул Басит изјави дека покрај загинатите и повредените, оштетени се и најмалку 19 куќи.

Шафиула Рахими, портпарол на авганистанското Министерство за природни катастрофи, доцна во вторникот изјави дека две лица загинале во источната провинција Лагман.

Големи делови од Јужна Азија се сеизмички активни бидејќи тектонската плоча позната како Индиска плоча се движи кон север во правец на евроазиската плоча.

Loading...

Во земјотресот со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала во источен Авганистан минатата година загинаа повеќе од 1.000 луѓе.

Во 2005 година, најмалку 73.000 луѓе загинаа во земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што го погоди северен Пакистан, пренесува Ројтерс.