Југозападна Јапонија утринава беше погодена од силен дожд и многу силен ветер додека тајфунот Шаншан падна на копно во префектурата Кагошима, прекинувајќи ја струјата во повеќе од четвртина милион домаќинства и повреди десетици луѓе.
Тајфунот, категоризиран како „силен“, со удари на ветер до 60 метри во секунда (216 км/ч), пристигна утринава во близина на градот Сатсумасендаи, кој се наоѓа на југозападниот остров Кјушу, објави метеоролошката агенција.
„Една од најсилните бури досега“
Властите предупредија дека бурата може да биде една од најсилните што некогаш го погодила регионот, а локалните власти издадоа наредби за евакуација на милиони жители во неколку префектури.
Едно лице исчезна, а 39 се повредени во префектурите Кагошима и Мијазаки, јави јавната телевизија NHK.
Снимката на NHK покажува скршени ѕидови и стаклени прозорци на згради во Мијазаки.
Повеќе од 250.000 домаќинства во седум префектури останаа без струја до 9 часот по локално време во четвртокот, според извештајот на Кјушу Електрик Пауер.
Во Токио ќе стигне околу викендот
Откако ќе го погоди Кјушу во текот на следните неколку дена, невремето се очекува да се приближи до централните и источните региони, вклучувајќи го и главниот град Токио, околу викендот, соопшти метеоролошката агенција. Големите производители на автомобили, вклучително Тојота и Нисан, ги прекинаа активностите во речиси сите домашни фабрики поради невремето.
Авиокомпаниите, вклучително и ANA Holdings и Japan Airlines, веќе најавија откажување на повеќе од 600 домашни летови.
Возниот сообраќај е прекинат во многу области на Кјушу.
Тајфунот Шаншан е најновиот систем за тешки временски услови што ја погоди Јапонија по тајфунот Ампил, кој исто така предизвика прекин на електричната енергија и евакуација на почетокот на овој месец.