Унгарија ќе го блокира заемот од Европската Унија за Украина во износ од 90 милијарди евра додека не се продолжи со транзитот на нафта до Унгарија преку нафтоводот Дружба, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Тој напиша на платформата X дека со блокирање на транзитот на нафта до Унгарија преку нафтоводот Дружба, Украина го крши Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина, кршејќи ги своите обврски кон Унијата.
Сијарто тврди дека Украина ја уценува Унгарија со суспендирање на транзитот на нафта во координација со Брисел и унгарската опозиција со цел да создаде прекини во снабдувањето во Унгарија и да ги зголеми цените на горивата пред изборите.
„Нема да попуштиме на оваа уцена“, рече Сијарто.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Украинците се одговорни за моменталното затворање на гасоводот „Дружба“, нарекувајќи го непријателски чин против Унгарија.
Тој додаде дека, според Договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ, украинските дејствија не смеат да ја загрозат енергетската безбедност на која било земја-членка на Унијата.
Орбан нагласи дека Брисел мора да застане зад своите членки Унгарија и Словачка и да ја заштити нивната енергетска безбедност.
Унгарија и Словачка ги обвинуваат Украинците дека го затвориле гасоводот „Дружба“ за да го задржат монополот на Украина за снабдување со нафта и гас во Европа.
Поради прекинот на испораките преку овој гасовод, Словачка прогласи вонредна состојба во својата нафтена индустрија пред два дена.
Словачкиот премиер Роберт Фицо се закани дека ќе го запре снабдувањето со електрична енергија за Украина ако Киев продолжи да го блокира транзитот на нафта низ „Дружба“.

