Штрајкот на гимназитите во Куманово од 1941. година

Сподели со своите пријатели

Во првите денови од учебната година во 1941. година дошло до штрајк на средношколската младина Куманово, организирано од скоевската организација. Ова е еден од првите текстови во првиот број на „Наш весник“ излезен во среда на 11 октомври 1961. година.

(Скоевци инаку биле припадници на Комунистичката младинска организација на Југославија)

Како што тогаш напишал новинарот Борис Бурназовски, штрајкот бил организиран против високата такса за упис во училиште, што пак на сиромашните ученици им го ограничувало пристапот до образование. Воедно младината на Куманово барала наставата да се изведува на македонски јазик.

„Во врска со тоа скоевците организираа неколку акции, барајќи од бугарските власти уникување на таксите за да можат да се запишуваат и посиромашните деца. Една од таквите акциите беше и бојкотирањето на уписот во гимназијата. До определениот рок нитеден ученик не се запиша. Бугарската управа на гимназијата, веројатно изненадена од овој настан, попушти и објаци дека уписот ќе се изврши без такси и ќе им се овозможи на сите да се запишат. Но, уште од првите денови на учебната година се виде дека управата нема да остане доследна на ветувањето и веднаш во почетокот на учебната година побара дополнителни такси за извршениот упис, пишува новинарот Бурназовски.

Бугарската власт била одлучна, па за да се оневозможи работата на скоевската организација формирале младинска организација под името „Браник“, но истата наишла на бојкот од скоевците симпатизери на СКОЈ од Гимназијата и никој не се запишал во неа. Во септември започнал и штрајкот.

„Тој ден предавањата започнаа како и порано. Во Viб клас, во кој имаше најмногу скоевци требаше да се запали искрата. На часот по пеење учениците ја повторуваа нотната скала учена на минатиот час. Во тоа и најдоа повод за почеток. И наместо „до, ре…“ учениците шегувајќи се пееја „Доне“ и место …„сол, до…“ „Саздо“. Преподавателот се налути и почна да вика. Започна расправија што се пренесе и на носењето на униформи и сите мерки преку кои управата на гимназијата вршеше притисок врз учениците. Преподавателот беше налутен уште повеќе и исклучи од часот двајца скоевци, па потоа го повика и директорот. Кога влезе тој, учениците го дочекаа на нозе и по кратка расправија тој исклучи уште еден скоевец. Во тој момент на неговото решение се спротивставија неколку ченици. Во класот настана вознемиреност. Неколку скоевци се упатија кон вратите, а по нив и останатите ученици. Тоа беше знак за почеток во класот останаа директорот, преподавателот и сосем мал број ученици – сите вчудоневидени. Скоевците почнаа да ги отвараат вратите на другите училници и да ги повикуваат останатите ученици, што претходно беа известени и приготвени за оваа акција. Набргу во дворот се собраа неколку стотини младинци. Така започна штрајкот на средношколците од Кумановската гимназија, пишува Бурназовски.

Сите ученици од тука се упатиле кон паркот на периферијата на градот, а таму им се придружиле уште неколку сокевци и младинци. На предлог на Апостол Зордумис – Толи, истакнат раководител на СКОЈ, започнал марш низ Куманово и гимназистите се упатиле на спротивната страна на градот, во другиот парк. Токму таму бил избран штрајкувачки одбор кој подоцна имал задача да напише резолуција. Прехотдно пред младината говор одржал и секретарот на скоевската организација.

Но, не поминало се во најдобар ред, иако штрајкот продолжил следниот ден, полицијата затворила десетина скоевци и младинци, меѓу кои и Дане Цеков кој завршил во затворот во Скопје.

По десетина дена минати во затвор биле ослободени учениците, а положбата во Гимназијата се нормализирала.

Извор: „Наш весник“ број 1 (среда, 11 октомври 1961. година)

Leave a Reply