Илјадници работници за итни случаи во Велика Британија најавија штрајк за денеска, откако синдикатите и владата не постигнаа договор за зголемување на платите.
Синдикатите бараат зголемувањето на платите да биде во чекор со инфлацијата, која во ноември беше 10,7 отсто, додека британската конзервативна влада одговара дека двоцифрено зголемување на платите дополнително ќе ја поттикне инфлацијата и нуди зголемување од околу четири отсто.
Министерот за здравство Стив Баркли во вторникот попладне се сретна со претставници на синдикатот, без договор за откажување на најавениот штрајк.
Синдикатот ГМБ тврди дека платите во британскиот јавен здравствен сектор се намалени за 17 отсто реално од 2010 година, додека побарувачката за амбулантни возила е зголемена за 77 отсто.
Возачите на брзата помош ќе им се придружат на медицинските сестри, железничкиот персонал, службениците за пасошка контрола и поштенските работници, кои сите планираат да штрајкуваат во наредните недели.
Владата смета на јавноста да се сврти против синдикатите
Владата смета на јавното мислење за да се сврти против синдикатите бидејќи луѓето ширум Британија се соочуваат со одложени термини за болници, откажани возови и одложени патувања среде празничната сезона.
Но, анкетите покажуваат дека има високо ниво на поддршка за работниците, особено за медицинските сестри, чии штрајкови низ Англија, Велс и Северна Ирска се први во 100-годишната историја на нивниот синдикат.
Болничарите и екипите за брза помош велат дека ќе продолжат да одговараат на повиците за итни случаи за време на штрајкот.
Министерството за здравство ги повика Британците внимателно да размислат за контактните спортови и да избегнуваат замрзнати патишта за време на штрајкот на брзата помош.
Армијата е ставена на готовност да го преземе управувањето со амбулантни возила, но војниците нема да ги имаат овластувањата што ги имаат работниците во пружањето итна помош.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.